Премиере,

Пред една година прашав што се случува со европската програма „Лајф“. Сега Ве информирам дека сѐ уште не е потпишана

СКСМ веќе доби два проекта од програмата „Лајф“, во вредност поголема од два и пол милиони евра, во областа на енергетската ефикасност, од кои едниот е национално поврзан со активностите кои треба да ги дефинираат новите цели за енергетска ефикасност до 2050 година

Европска програма „Лајф“, една од клучните европски програми за финансирање на климатските промени, енергетската ефикасност, на транзицијата кон чиста енергија, циркуларната економија и на природата на биодиверзитетот.

Оваа програма е исклучително важна и за реализирање на преговарачкиот процес, во кој цел еден кластер два им е посветен на зелената агенда и на одржливата поврзаност и е од исклучително значење за македонските компании, бидејќи примената, која ќе се цени на крајот на денот, значително ќе ги намали финансиските импликации поврзани со нивната примена.

Јас се извинувам што упорно ја користам јавноста, а не нашата лична комуникација, затоа што ценам дека преку тоа ги анимираме нашите компании спрема европските програми, што за мене како претседател на најстарата и најголема бизнис-асоцијација во државата е од исклучителна важност.

Токму поради тоа во оваа прилика сакам да Ве информирам дека активностите на Комората кон евроатлантските интеграции се одвиваат со несмалено темпо, бидејќи нам ни е сосема јасно дека политичките елити можат да го кочат тој процес, но не и нас, кои и технички и професионално мораме да ги завршуваме работите навреме. Тргнувајќи од премисата дека бизнис-заедницата е значаен фактор во создавањето на БДП, во плаќањата на даноците, во вработувањето и во создавањето нови работни места; согледувајќи ја потребата од поддршка и од јакнење на претприемништвото, реиндустријализацијата и на конкурентноста; воочувајќи дека прашањата со правосудниот систем, администрацијата и со кадарот се од клучна важност за поттикнување на економскиот раст и развој, Ви предлагам да се склучи договор за уредување на односите меѓу јавниот и приватниот сектор, со кој ќе се регулираат нашите исклучително важни релации.

Во него би биле застапени задолжителната консултација на бизнисот при донесувањето на законските и на подзаконските акти, развивањето модел на економски развој, подигнувањето на квалитетот на јавната администрација, на социјалното партнерство и на трипартитниот дијалог и подобрувањето на состојбите во правосудството. Јас не сум идеалист, ниту, пак, сум приврзаник на теоријата дека бизнисот е сѐ. Јас само верувам дека можеме да се обидеме да го направиме ваквиот чекор зашто тој е неминовен. Глобализацијата е маркетиншка алатка за големите земји и корпорации, кои ја користат идеологијата на слободниот пазар за да влезат во нови земји и за да освојат нови пазари. Соработката меѓу нас е нужност и е во интерес на државата, а тоа, се разбира, повлекува и повеќе одговорности.

Да, јас сум тој што верува во таквиот договор. Верувам во знаење и во ревносно работење, но работењето 24 часа на ден од личните идеи и знаења не е доволно. Тоа се приказни за мали деца. За успех се потребни инфраструктура, политичка волја и институционален капацитет. Ајде заедно и да ги изградиме!

Стопанска комора на Македонија



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.