Околу 1.000 вработени во Еуроникел Индустри, поранешно ФЕНИ во Кавадарци, се дома откако компанијата реши да ги испрати принуден платен одмор и поради енормното поскапување на електричната енергија, засега да го затвори произведствениот погон.
Вработените доаѓаат на работа само една недела од месецот, а за тоа земаат 70% од платата. Им било кажано дека работите ќе останат вака до 15 декември, а што ќе се случува понатаму – не знаат.
Бидејќи долгорочно одржување на електро-печката во топла состојба не е препорачливо од техничка гледна точка и носи техничко-технолошки ризици, а во исто време се трошат огромни средства, а притоа не се генерираат никакви приходи, одлучивме плански да го стопираме напојувањето и сите ресурси да ги насочиме кон енергетски проекти кои имаат за цел да обезбедат електрична енергија за продолжување на производниот процес.
Во меѓувреме, преземени се сите соодветни мерки, доколку дојде до поволна промена на пазарот на електрична енергија, или пак се обезбеди електрична енергија од страна на државата, по субвенционирана цена, подготвени сме во најкраток рок да го рестартираме процесот.
Паралелно на ова, реализацијата на нашите планови за енергетска независност подразбираат и институционална поддршка, која се надеваме соодветно ќе ја добиеме, а во интерес на компанијата, вработените, добавувачите и сите останати засегнати страни, и секако во интерес на националната економија, ако се земе предвид дека Еуроникел е еден од најголемите работодавачи, втор најголем извозник, со значаен придонес кон бруто домашниот производ, објаснија од компанијата.
Премиерот Димитар Ковачевски во понеделникот на пуштањето во употреба на соларната централа во Свети Николе рече дека се бара решение за снабдувањето со струја на големите потрошувачи, но оваа фабриката ја издвои како нерентабилна.
Ако го земеме Фени, како најголем потрошувач на електрична енергија од бизнисот во државата, кај нив и цената на фероникелот на светските берзи е падната, така што и со помала цена на електричнаа енергија пак не можат да обезбедат рентабилно работење, затоа што тие немаат руда во Македонија. Тие руда носат од Јужна Америка од рудници, па ја носат со бродови до Драч, од Драч со камиони ја носат до Кавадарци. Кога ќе вкалкулирате зголемена цена на бродски транспорт, последното зголемување на бродски транспорт беше некаде од 10-15 пати за контејнерски транспорт и зголемување на цената на камионскиот транспорт, кој тие го имаат од Драч до Кавадарци, тогаш имате енормно зголемување на трошоците без вкалкулирање на струјата при намалена цена на фероникелот на светските берзи. Има друг случај каде и покрај зголемената цена на електрична енергија рудникот Саса работи затоа што рудата која пак тие ја произведуваат на светските берзи има зголемена цена и може да им овозможи рентабилно работење. Не е еднострана, повеќедимензионална е кризата и ние на дневно ниво ја следиме со стопанските комори, но и директно со најголемите компании, рече Ковачевски во понеделникот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.