Одгледувачите на свињи и производителите на свинско месо бараат зголемување на цената на свинското месо. Во моментов производната цена е 100 денари за килограм жива мера. Потпретседателот на Асоцијација на земјоделци и одгледувач на свињи, Гоце Сарафимов вели дека одгледувачите бараат производната цена на свинско месо да изнесува 150 денари.

Ние како производители на свинско месо бараме да се покаче цената, но се уште нема ништо. По месарите и супер маркетите не знаеме што ќе се случува. Инаку трошоците се многу покачени во однос на лани, еве да речеме храната за свињите е покачена 100 посто, а исто така и стујата е покачена, а цената на свинското е уште иста. Лани беше 100 денари и сега е 100 денари. Реално производната цена треба да биде најмалку 150 денари – вели Сарафимов.

Посочи дека од страна на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство имале субвенции од 1.500 денари за продаден товеник, за месеците февруар, март и април, но зголемените трошоци веќе се чувствуваат со намалување на бројот на свињи. Сарафимов истакна дека трендот на намалување е почнат во велешкиот регион, каде што во три фарми е намален бројот на мајки.

Економистите сметаат дека увозната инфлација во државата граѓаните допрва ќе ја почувствуваат.

Според штипскиот економист и аналитичар, Глигор Ивановски, покачувањето на цените на основните продукти за живот, влијаат врз џебот на граѓаните, но ова е состојба која не може да се избегне бидејќи е настаната заради случувањата надвор од државата. Основните производи за живот мора да се купат и покрај тоа што нивната цена е покачена, а идентична е ситуацијата и со нафтените деривати и струјата. Според Ивановски, сѐ што не е присутно во државата ќе го има, но по многу повисоки цени, инфлацијата е пожелна во одредени случаи, кога е во контролирани рамки од 1 до 2 отсто на годишно ниво. Но, сегашната состојба, истакнува, зборува за инфлација која е поголема и чии негативни влијанија обичниот граѓанин дополнително ќе ги чувствува.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.