Владата донесе мерки за заштеда на струја до 15 отсто – за домаќинствата и компаниите се предвидени препораки, а за државните институции конкретни задолженија кои мора да се испочитуваат зашто во спротивно ќе следуваат санкции.
Како што соопшти денеска министерот за економија Крешник Бектеши, мерките ќе стапат во сила од 1 септември годинава, а ќе важат до 31 март 2023 година.
Пред нас е една од најтешките зими на енергетски план, не само за нас, туку и за сите земји во регионот, како и во Европа. За полесно да се справиме со она што не очекува, за непречено снабдување со електрична енергија, рационално трошење и пониски сметки, подготвивме план и препораки за заштеда на струја. Мерките се поделени во повеќе категории, зависно дали се работи за домаќинства, компании или објекти, институции и претрпијатија во државна сопственост. Целта е намалување на потрошувачката за 15 отсто споредено со истиот месец лани. Ако не се постигне оваа цел, ќе следуваат согласно етичкиот кодекс и сите уредби, одредени санкции за сите раководители на институциите – истакна Бектеши.
Исклучување на декоративното осветлување на фасадите на јавните објекти и културните споменици, гаснење сијалици кога има доволно дневна светлина, во сезона на ладење климите да се местат не пониско од 27 степени, а во сезона на греење не повисоко од 20 степени, да се исклучуваат компјутерите по работата, редовно да се менуваат филтрите на грејните тела и клима уредите, да се принтаат само потребните материјали, да се заменат прозорците со енергетски ефикасни, се само дел од препораките за државните институции.
Детали за мерките на прес-конференцијата во Владата се очекува да соопшти и генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.