Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) ги објави двата дополнителни јавни огласи со кои за земјоделците на располагање им се ставаат дополнителни 3.769 хектари земјоделско земјиште со површина над 3 хектари.
МЗШВ соопшти дека првиот јавен оглас опфаќа 529 хектари земјоделско земјиште над 3 хектари, распределени во 10 региони низ државата: Берово, Виница, Гевгелија, Дебар, Делчево, Кочани, Неготино, Свети Николе, Радовиш и Штип. Намената на земјиштето кое се дава под закуп за првиот јавен оглас е одгледување на земјоделски култури за производство на сточна храна (житни, фуражни и индустриски култури) за период до 15 години.
Право на учество на овој јавен оглас имаат домашни физички и правни лица и странски правни лица. Минималната површина на земјоделското земјиште во државна сопственост која може да се даде под закуп на еден учесник изнесува 3 хектари, доколку понудувачот достави потврда од овластена ветеринарна станица за располагање со најмалку пет грла говеда или копитари, односно 50 овци или кози, односно 20 свињи, односно 500 кокошки, мисирки, гуски, патки или бисерки. Максимална површина на која за овој јавен оглас еден учесник може да аплицира изнесува 20 хектари.
Вкупната површина на земјоделско земјиште која се дава под закуп со вториот јавен оглас е 3.240 хекатари, распределени во 22 региони низ државата: Берово, Валандово, Виница, Гостивар, Гевгелија, Делчево, Демир Хисар, Кочани, Куманово, Кавадарци, Неготино, Струга, Струмица, Охрид, Прилеп, Пробиштип, Радовиш, Ресен, Тетово, Велес, Штип и Чаир.
Предвидената намена на овој оглас е за подигнување на долгогодишни насади (лозја, овоштарници, хмељ) и оранжерии за период до 30 години, подигање на долгогодишни насади со лешник за период до 70 години, подигање на маслинарници за период до 50 години, поставување на пчелни семејства за период до 15 години, ливади за период до 15 години, одгледување на брзо растечки дрвја на земјоделско земјиште кое се наоѓа на надморска висина над 700 метри, за периодот до 30 години, рибници до 20 години и спортско-рекреативни активности и рурален туризам до 30 години.
Право на учество на овој јавен оглас имаат сите домашни физички и правни лица и странски правни лица. Големината на површината која може да се даде под закуп на еден корисник од овој јавен оглас, се утврдува врз основа на минимално материјално-техничката опременсот и бројот на вработени според бизнис планот на понудувачот.
Рокот за поднесување на апликациите е 30 дена од објавувањето на јавниот оглас во Службен Весник, односно до 21 јули 2022 година. Постапката за распределба на земјоделското земјиште се врши по пат на електронско јавно наддавање.
Заинтересираните земјоделци и земјоделски стопанства можат да аплицираат на овие два јавни огласи за закуп на земјоделско земјиште над 3 хектари за производство на сточна храна и подигнување на долгогодишни насади. Повеќе информации за постапката и начинот на аплицирање може да се добијат на веб страницата од Министерството, преку подрачните единици на Министерството или во секторот за земјишите при МЗШВ, стои во соопштението.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.