Владата на Република Македонија на својата 27 седница, врз основа на прифатените измени и дополнувања во Законот за акцизи во Собранието, донесе Одлука за определување на видот на енергенсите, временскиот период како и начинот на пресметка на акцизата.

Со оваа одлука се овозможува да се пресметува дополнително намалување на акцизата кај безоловниот бензин, гасното масло како погонско гориво и гасното масло како гориво за греење во зависност од движењето, односно од висината на зголемувањето на цената на овие енергенти на светските берзи.

На оваа седница е донесена и Одлуката за определување на видот на добрата и временскиот период на примена на повластена даночна стапка откако Собранието, на предлог на Владата, ги усвои измените и дополнувањата на Законот на данокот на додадена вредност.

Оваа одлука овозможува да се примени повластена даночна стапка која изнесува 10%, врз прометот и увозот на енергенти, за определен временски период во определени услови.

Со оваа одлука се продолжува примената на повластена даночна стапка од 5% на електричната енергија за домаќинства до 31 декември 2022 годинa.

Овие одлуки стапуваат на сила со денот на објавувањето во „Службен весник“.

Владата донесе и Одлука за определување на видот на добрата и временскиот период на ослободување од плаќањето на данокот на додадена вредност во земјата со право на одбивка на претходниот данок.

Со оваа одлука опфатени се лебот, брашното од тип 400, шеќерот, сончогледовото масло, кравјото млеко со маснотии од 2%, 3,2% и 3,5%, месото, оризот и јајцата.

Собранието доцна синоќа едногласно го донесе Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност, а со 96 гласа „за“ и исто така без ниту еден „против“ и „воздржан“ и Предлогот на закон за дополнување на Законот за акцизите, и двата по скратена постапка.

Министерот за финансии Фатмир Бесими образложувајќи ги двата предлог закони, рече дека тие се дел од пакетот 26 кризни мерки на Владата, кои треба да му помогнат на стопанството во државата, која е погодена од енергетската криза и ценовниот шок на глобалните пазари.

Актуелната ситуација во домашната економија, погодена главно од цените на основните производи, од категоријата на прехранбени производи, се преземаат мерки кои ќе го заштитат животниот стандард на граѓаните од повисоките цени, особено најранливите категории од социјален аспект и домашната економија. Со цел да се надмине оваа ситуација, потребно е да се интервенира. Пакетот од 26 мерки во вредност од 400 милиони евра за економска заштита на граѓаните и компаниите, рече министерот Бесими во обраќањето.

Целта на Владата со овие измени и дополнувања е да се обезбеди намалување на највисоките малопродажни цени на бензините и другите нафтени деривати.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.