Советот на Народната банка денеска усвои нова Одлука за методологијата за управување со кредитниот ризик со која се врши натамошно усогласување со новите регулаторни барања што започнаа да се применуваат во Европската Унија, а придонесуваат за натамошно јакнење на стабилноста на банкарскиот систем.

Со Одлуката се определува нов начин на утврдување на нефункционалните кредитни изложености и се зајакнуваат критериумите за следење и контрола на квалитетот на кредитното портфолио на банките. Се унапредуваат и правилата за реструктурирање на кредитните изложености на банките кон клиенти кои се соочуваат со финансиски тешкотии.

Заради поголема транспарентност во работењето на банките и следење на нивната усогласеност од страна на Народната банка, Одлуката за методологијата за управување со кредитниот ризик ги проширува информациите и податоците коишто треба да ги достават банките до Народната банка, за што треба да го прошират опфатот на системот за известување до централната банка. Така, новина во овој домен меѓу другото се и подетални информации за реструктурираните кредитни изложености, за следење на активностите на банките за намалување на нефункционалните кредитни изложености, како и за одобрените зелени кредити, информира Народна банка.

Преку спроведување на одлуката, како што се посочува, ќе се овозможи подетално следење на движењата во кредитното портфолио на банките и навремена оцена на потенцијални ризици за финансиската стабилност.

Одлуката ќе се применува од 1 јануари следната година со што, според централната банка, ќе има доволно време за промените во системите на банките и за приспособување на нивното работење кон новите барања. Новините поврзани со ризиците поврзани со климатските промени, пак, ќе почнат да се применуваат од 1 јануари 2025 година.

На денешната седница усвоени се и Правилата за работа на Македонскиот интербанкарски платен систем (МИПС). Овие правила се дел од подзаконската регулатива што ја носи Народната банка заради усогласување со барањата од новиот Закон за платежни услуги и платни системи кој стапи на сила на почетокот на оваа година.

Досега Народната банка донесе 29 подзаконски акти. Со правилата се проширува опфатот на учесници во МИПС со нови субјекти коишто согласно законот може да даваат платежни услуги и да учествуваат во платните системи, а се уредуваат и други прашања поврзани со извршувањето налози за пренос на парични средства и управувањето со ризиците, велат од Народната банка.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.