Со измените во законската регулатива успешно ја реализиравме нашата визија од пред четири години да создадеме две илјади мали оператори со храна, а тоа го остваривме за само две години и денес во регистарот на Агенцијата за храна има 2.508 оператори со семејни бизниси, истакна министерот за земјоделство Љупчо Николовски, при посета на корисници на државна поддршка за развој на мали бизниси во општина Виница.

Николовски заедно со директорот на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, Никица Бачовски и државниот советник за рурален развој, Трајан Димковски, направи увид во искористениот грант од 10 илјади евра за развој на семеен бизнис за производство и пласман на јагоди во виничкото село Блатец.

Во Виничко има голем интерес кај младите сточари да се регистрираат како мали оператори со храна и од праг да го продаваат своето сирење, а одличен пример е семејниот бизнис во селото Блатец каде има млад производител на јагоди, кој сам ги замрзнува, пакува и како финални производи ги пласира од куќен праг во околината на Виница. Исто така, земјоделците овде ги користат нашите мерки за изградба на силоси, набавка на приплоден добиток, за трактори, потоа новата мерка за бизнис план, а имаме и 26 успешно реализирани ИПАРД проекти, истакна Николовски.

Во спроведувањето на мерките за поддршка во фокусот се малите оператори со храна, на малите фармери и на семејните бизниси, малите дестилерии и винарии, како и на младите земјоделци и жените земјоделки.

Тие останаа во руралните средини и ги користат можностите од новите правилници за флексибилност, односно продажба на традиционалните производи од праг. Во голем број села во државата може да се видат корисниците на грантови за набавка на опрема и за ангажирање стручни лица за производство на традиционални продукти од животинско и неживотинско потекло. Специфично за Виница е што овде се враќаат и малите семејни винарии, а веќе имаме регистрирано три нови кои ги користат поволностите од измените од 2019 година во законските прописи за вино, додаде Николовски.

Потврда за успехот на новите мерки за поддршка на малите производители квалитетно македонско вино, според министерот за земјоделство е што од 71 мала винарија, по само четири години регистрирани се вкупно 255 винарии, од кои 173 се мали бутик винарии. Од нив пак, за 144 била обезбедена поддршка со грант за набавка на опрема и обезбедување стручни лица.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.