„Клучното прашање е дали Македонија ќе успее финансиски да се одржи односно да не се доведе државата во банкрот. Во моментов дупката во Буџетот има проектирано според последниот ребаланс над 900 милиони евра. Три години со ред значи и пред оваа енергетска криза Владата на СДСМ и ДУИ носи буџети кои што имаат дефицит надвор од она што е рамка на ЕУ, а рамката е 3% од БДП. И тоа е рамка што секогаш претходно се почитувала, но во овие три години задолжувањата се далеку повисоки“, истакна потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски при одговарање на новинарско прашање во врска со енергетската криза од Битола.

Николоски посочи дека 900 и нешто милиони евра задолжување значи некаде 8% од БДП, а тоа значи дека Владата не може да најде извори на финансирање со кои што ќе го покрие буџетскиот дефицит.

„Дополнително на тоа сега доаѓа енергетската криза каде што веројатно дефицитот заради намалената економска активност и најавата на преку 200 компании во моментов дека ќе затворат, а веројатно бројката ќе оди и над 500-тини кои што ќе затворат, веројатно дупката ќе оди над милијарда кои што ќе нема од каде да се покријат. Гледате дека дури ни кредитирање нема. Најавениот заем од ММФ од 900 милиони евра не доаѓа од две причини. И тоа првата причина е заради корупцијата и нетраспарентните фискални политики. Еве нека ме демантира министерот за финансии Бесими доколку не е така. Јас тврдам дека е така. И втората причина парите толку поскапеа што веќе не се исплаќа да се земаат такви заеми, затоа што каматните стапки на тие заеми се 7-8%, што се лихварски каматни стапки“, појасни потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

„Така што тој начин на финансирање на Буџетот го нема, дупката расте и нема од каде да се покрие, план за оваа зима гледаме сите дека нема, но нема план ни за следната зима. И Македонија се движи кон банкрот“, нагласи Николоски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.