За автопатот Охрид – Кичево во минатото најмногу се коментирало и најмногу се лажело. Но јас цврсто стојам на моето ветување дека до почетокот на летната сезона ќе го пуштиме во употреба од село Врбјани до Охрид, а до крај на 2026 година целосно ќе го изградиме, истакна вечерва вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски во гостување ТВ Сител.

Тој оцени дека „автопатот Охрид – Кичево е симбол на работењето на оваа влада и ќе е симбол за неспособноста на претходни влади“.

Со апсолутна убеденост ќе го повторам тоа што веќе го кажав, а тоа е дека од селото Врбјани до Охрид со еден мал исклучок кај Ботун, бидејќи таму има лизгање на земјиштето, ќе имаме цело автопатско решение пред почетокот на летната сезона, рече Николоски.

Тој дополи дека паралелно кај селото Ботун од денеска е започната рехабилитација на постојниот пат за да и тоа биде пријатно возење, а во следниот период ќе почне целосна рехабилитација на планинскиот превој Пресека затоа што тој ќе се користи до крај на 2026 година.

Додека во однос на вториот дел од автопатот од Врбјани па се до над Кичево, ќе биде завршен до крајот на 2026 година и стојам позади тие ветувања, рече Николоски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.