Најдобрата дефиниција за да се опише состојбата во Македонија е – корупцијата цвета, а економијата тоне! Тоа е најточниот опис на нашето секојдневие. Од една страна има криза за основни производи- леб, млеко, тестенини, а од друга страна нема ден да нема нова корупциска афера, нема ден да нема нов скандал. На тој начин се уништува секоја надеж дека работите може да се сменат, вели потпретседателот на ВМРО ДПМНЕ Александар Николоски во колумна за „Фокус“.

Земете го последниот пример со изборот на надзор за изградба на автопатите на коридорите 8 и 10. Од проект кој треба да донесе заживување на целокупната македонска економија и силен импулс на градежништвото, со коруптивното однесување во делот на избор на надзор Владата на СДСМ и ДУИ прави огромен скандал. И наместо да се зборува за придобивките од автопатско поврзување на Охрид и Струга со Кичево, Гостивар, Тетово и Скопје како и со Албанија, Косово и Србија, а и за поврзување на Битола и Прилеп со Велес, Гевгелија и Скопје и со Србија, Бугарија и Грција, се зборува за баснословните хонорари за луѓето кои го добија тендерот за надзор. Најдобар доказ како корупцијата ја јаде економијата.

Да споделиме неколку факти – „ИРД“ е само носител на Конзорциумот на хартија, а најголемиот дел од парите одат кај „Електра Солушн“ која вади лиценца во сред јавен повик што е скандал сам по себе  и „Евро Консалтинг“ на бараниот со меѓународна потерница за криминал Бранимир Димитријевиќ, кој слични шеми веќе замрси во Ерменија. „Електра Солушн“ која поднесува барање за издавање на лиценца за надзор по отворање на повикот за прибирање на понуди и добива во ек на огласот и Евро Консалтинг на бараниот со меѓународна потерница Бранимир Димитријевиќ ќе поделат 70% од парите за надзорот на изградбата на Коридорите 8 и 10. 

Уште пофрапантно е што „Електра Солушн“ не само што нема искуство во вршење на надзор, туку дејност во која има искуство и во која работела порано е верувале или не, производство на долна облека! Да, добро читате, фирма со искуство во производство на долна облека ќе го врши надзорот на изградбата на Коридорите 8 и 10. Уште потрагично е што истава оваа фирма своето учество во тендерот го брани со тоа што била контактирана од меѓународни компании да учествуваат заедно на тендерот. Кои меѓународни компании ќе бараат фирма која се занимавала со производство на долна облека за учество на најголемиот тендер за надзор во Македонија? И како ја барале таа компанија која нема лиценца, а не барале фирми со децениско искуство, со чисто портфолио и професионални стандарди?

Оваа фирма „Електра Солушн“ ќе земе 8.2 милиони евра од тендерот од 22 милиони евра, а фирмата на бараниот со меѓународна потерница Бранимир Димитријевиќ ќе наплати 7.1 милион евра. Вкупно овие две македонски фирми ќе наплатат 70% од сумата предвидена за надзорот.

Останатите триесет проценти 4.1 милиони одат кај „ИРД“ од Италија, додека услугите на локалната канцеларија на „ИРД“ во Скопје ќе чинат околу 2.4 милиони евра.

Вкупно само пет лица ангажирани од фирмите се странци, и тоа адвокат од Хрватска, двајца инженери од Србија и еден од Црна Гора, како и директорот на „ИРД“ кој го потпишал договорот. Толку од странци и врвни експерти.  И најголемиот дел од нив се ангажирани за преговарање, а не за надзор, за што ќе наплатат  неверојатни 300.000 евра поединечно. Со тој хонорар мислам дека не можат да се пофалат ни најголемите ескперти за преговори во светот.  Додека директорот на „ИРД“ ќе наплати како хонорар од 1.3 милиони евра, неспоредлив со било што друго во Европа.

Напумпаните 22 милиони евра ќе се трошат на тешки награди и хонорари, а не на реални работи.

Никакви меѓународни експерти не се во игра, туку шема која наведува на корупција.

Сетоа ова го доведува во прашање целиот проект и наместо да се радуваме на нови автопати ние гледаме корупција која цвета.

Ударот на корупцијата мора да  е централна тема во Македонија ако сакаме да ја задржиме државата и народот во неа. Во спротивно приказните за масовното напуштање на Македонија и миграции само ќе растат. Се до најцрните статистики. Време е да се стави крај на овие негативни трендови, со силна битка со криминалот и корупцијата и воведување на функционален систем на владеење на правото.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.