До крајот на јануари ќе заврши целокупната експропријација за патните делници од коридорите 8 и 10д што треба да ги гради конзорциумот „Бехтел и Енка“, најави денеска вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николоски.

Откако беше потпишан договорот со „Бехтел и Енка“ пред скоро две години до мојот избор за министер прогресот беше некаде околу 25 проценти, а за овие шест месеци ќе се завршат вкупно 75 проценти што многу зборува за посветеноста. За најтешката делница Гостивар-Букојчани до август беа завршени околу 400 постапки за експропријација од вкупно 1.290 кои треба да се завршат. Останатите ќе ги завршиме за пет до шест месеци и до крајот на јануари ќе заврши целокупната експропријација во делот на коридорите 8 и 10д со исклучок на делот од коридорот кој зафаќа во делот од заштитената зона на Охридското Езеро – рече Николоски во одговор на прашање.

За железничкиот Коридор 10 истакна дека се развива алтернатива од бугарска страна.

Тоа е линија која има два правци. Треба да оди Вена-Будимпешта-Белград-Ниш-Босилеград, па под Софија и по реката Струма до Солун и втората варијанта од Романија преку Бугарија оди источно клон Истанбул. Тоа се две варијанти на кои Бугарија интензивно работи. Ако ние сме наивни и ако се водиме од приказни кои некој ни ги подметнува, а не од нашиот интерес нема да го развиваме она што е природен тек на Балканот, а тоа е Вардарската долина по која секако треба да оди Коридорот 10 и брзата пруга – рече Николоски.

Токму затоа, додаде, треба да сме свесни дека инвестирањето во овој коридор е приоритет.

Во следните два месеци ќе излезам со конкретни решенија кои ќе ги презентирам во јавноста за подоцна да можеме да почнеме со градба. Рок за дизајн и за проектирање е една година, а рок за изградба е четири до пет години во зависност од теренот. Тоа значи дека целиот проект треба да трае помеѓу пет и шест години – рече Николоски.

За железничкиот Коридор 8, пак, како што кажа, на последниот состанок во Софија е договорено да се направи заедничко проектирање за тунелското решение кое треба да ги поврзе двете држави, заеднички да се избере изведувач и да се направи ревизија на цените на проектот во македонскиот дел.

Мислам дека никој не е наивен да верува дека 24 километри треба да чинат 560 милиони евра. Се уште не е прецизиран датумот за следната средба во Скопје, но прецизирано е дека ќе биде во последната недела на ноември – рече Николоски.

Претседателот на ССК Трајан Ангелоски истакна дека за бизнис секторот приоритет е изградбата на железничката и патната инфраструктура во земјава.

Во 2024 година да немаме пруга што сме ја имале пред 150 години е навистина голема штета. Затоа бизнис секторот на дневна база реагира на оваа тема. Иако во јавноста постојат повеќе правци на дискусија во однос на железничките поврзувања, за нас како бизнис сектор поврзување број еден е Солун, бидејќи е на 230 километри од Скопје. Второ алтернативно пристаниште е Драч, а дури трета варијанта е Бургас и другите црноморски пристаништа – посочи Ангелоски.

Затоа, додаде, апелираме што е можно побрзо да се активираат проектите за изградба на брзи пруги.

Мора да се интензивира и работата со автопатските решенија затоа што е неподносливо од економски и бизнис поглед ограничување на патна брзина од 50 и 60 километри во 21. век. Треба да се вложат максимални напори да се интензивираат овие инфраструктурни проекти затоа што бизнисот на дневна база апелира дека ни се нужно потребни – потенцира Ангелоски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.