Вкупните депозити во септември, на годишно ниво, се зголемени за 8,9%, како резултат на зголемувањето на депозитите на двата сектора, со малку поголем придонес на секторот домаќинства, соопшти Народната банка. Годишниот пораст на кредитите, пак, е 5,8% и произлегува од повисокото кредитирање на двата сектора, при поизразен придонес на секторот домаќинства.

Во септември 2023 година, паричната маса бележи месечен пад од 0,5%, што во најголем дел се должи на намалувањето на краткорочните депозити и депозитните пари, а во помала мера и на пониските готови пари во оптек и долгорочните депозити до две години. Во споредба со септември претходната година, паричната маса е зголемена за 5,9% и главно произлегува од зголемувањето на депозитните пари и краткорочните депозити, при помало позитивно влијание и на готовите пари во оптек и долгорочните депозити до две години.

Вкупните депозити во септември, се намалија за 0,2% на месечно ниво и во целост е одраз на падот на депозитите на корпоративниот сектор, при раст на депозитите на домаќинствата. Годишниот раст од 8,9% произлегува од зголемувањето на депозитите на двата сектора, со малку поголем придонес на секторот „домаќинства“.

Во септември, вкупните кредити остварија месечно зголемување од 0,4%, како резултат на зголеменото кредитирање на двата сектора, со поголем придонес на корпоративниот сектор. Анализирано на годишна основа, кредитите растат за 5,8% што произлегува од повисокото кредитирање на двата сектора, при поизразен придонес на секторот „домаќинства“.

Вкупните депозити на корпоративниот сектор, во септември, се намалија за 1,4% на месечна основа, главно под влијание на падот на депозитните пари и краткорочните депозити во странска валута, а во помала мера и на краткорочните депозити во денари, во услови на забележан раст на долгорочните депозити. Годишниот раст од 15,7% во поголем дел е одраз на зголемувањето на краткорочните депозити во странска валута, депозитните пари и долгорочните депозити во денари.

Кредитите на корпоративниот сектор во септември бележат месечен раст од 0,5%, во целост како резултат на зголемувањето на кредитите во денари, при остварен пад на кредитите во странска валута. Во однос на септември минатата
година, кредитите на корпоративниот сектор се зголемија за 5,1%, што се должи на растот на кредитите во денари и во странска валута, со поголем придонес кон растот на кредитите во денари.

Во септември, месечната стапка на раст на депозитите на домаќинствата изнесува 0,9% во поголем дел поради зголемените депозитни пари и долгорочните депозити, додека помало позитивно влијание и на краткорочните депозити. Анализирано на годишно ниво, депозитите на домаќинствата забележаа раст од 6,8%, што главно се должи на зголемувањето на долгорочните депозити и депозитните пари, а во помала мера и на краткорочните депозити во денари, во услови на остварен пад на краткорочните депозити во странска валута.

Кредитите на домаќинствата, во септември, остварија месечно зголемување од 0,3%, во поголем дел поради зголеменото кредитирање во странска валута, при позитивен придонес и на кредитите во денари. Годишниот раст од 6,4% се објаснува
со зголемувањето на кредитите во денари и во странска валута, со поголем придонес на кредитите во странска валута.

Во септември, анализирано според намената на кредитите одобрени на физичките лица, потрошувачките и станбените кредити, како најзастапени категории, забележаа месечен раст од 0,4% и 0,8%, соодветно, како и годишно зголемување
од 6,0% и 10,7%, соодветно. Автомобилските кредити, во септември, се намалени за 1,5% на месечна основа, при годишен раст од 15,5%, додека кредитите одобрени на кредитни картички остварија месечно и годишно намалување од 0,6% и 2,6%, соодветно. Во септември, негативните салда на тековните сметки бележат пад од 1,1% на месечно ниво, додека на годишно ниво се зголемени за 7,9%. Кредитите одобрени врз други основи, во септември, се намалија на месечно и на годишно ниво за 1,8% и 17,4%, соодветно, се наведува во соопштението од НБ



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.