Минатата година 85,3 отсто од населението во земјава постаро од 15 години поседувало сметка, додека во регионот сме на второто место според финансиската вклученост. Сè повеќе наши граѓани поседуваат дебитна и кредитна картичка и сè повеќе се купува онлајн, сепак сè уште заостануваме зад европскиот просек.

Ова, како што велат од Народна банка (НБ), го покажуваат најновите податоци на Светската банка од глобалната база на податоци Финдекс, коишто се однесуваат на 123 земји во светот (https://www.worldbank.org/en/publication/globalfindex).

-Според податоците на Светската банка, сè повеќе расте финансиската вклученост во земјава. Во изминатите пет години таа е повисока за 8,7 процентни поени. Во регионот сме на второто место според финансиската вклученост, веднаш по Србија со 89 отсто. Сепак, во споредба со просекот на Европа и Централна Азија заостануваме за 4,7 процентни поени, информира НБ.

Согласно со податоците на базата Финдекс, се забележува пораст кај поседувањето кредитни картички кај нашето население за 5 процентни поени (22 отсто) во 2021 година во споредба со 2017 година, како и кај користењето платежни картички за 6 процентни поени (43 отсто), додека поседувањето дебитни картички е непроменето (53 отсто).

-Во споредба со земјите од регионот, имаме повисок процент на користење дебитна или кредитна картичка во однос на Косово и Албанија, додека понизок во однос на Бугарија, Србија и Турција. Анализирано според возрасни групи, кај населението од 15 до 24 години е забележан најголем пораст во 2021 година од 18 процентни поени во споредба со 2017 година. Ова упатува на поголема финансиска вклученост на младите имајќи го предвид поседувањето на дебитните и кредитните картички, велат од НБ.

Податоците, додаваат, покажуваат дека населението на возраст од над 15 години кај нас сè повеќе користи мобилен телефон или интернет за онлајн-купување. Во 2021 година, 30,5 отсто од населението кај нас купува онлајн, додека во 2017 година овој процент изнесувал 16,9 отсто. Сепак, тој сè уште е понизок во однос со земјите од Европа и Централна Азија.

-Финансиската инклузија е од особено значење за економскиот развој на една земја, оттаму една од стратегиските цели на Народната банка е обезбедувањето повисок степен на финансиска едукација и вклученост на населението. Донесена е и се спроведува првата национална Стратегија за финансиска едукација и финансиска инклузија, која има за цел да обезбеди поголема финансиска инклузија во различни сегменти на финансискиот систем, поголемо ангажирање на регулаторните институции во однос на едукацијата и регулацијата, но и на приватните финансиски институции во однос на обезбедувањето поголема достапност и информираност за понудените финансиски услуги, потенцираат од НБ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.