Вкупните депозити во март, на годишна основа, се зголемени за 3,5%, како резултат на зголемување на депозитите кај двата сектора, од кои поизразен е секторот домаќинства. На годишна основа, вкупните кредити се зголемени за 9,8%, како резултат на растот на кредитите кај двата сектора, кој е поизразен кај корпоративниот сектор, покажува анализата на Народната банка за монетарни движења во Република Македонија за март 2022 година.

Паричната маса (монетарниот агрегат М3 1,2 ), во март 2022 година, забележа пад од 1,8% на месечна основа. Надолната промена во најголем дел е резултат на намалувањето на депозитните пари, при забележан помал пад и на долгорочните депозити до две години и готовите пари во оптек, a во услови на раст на краткорочните депозити. На годишна основа, паричната маса е зголемена за 4,0%, главно поради растот на краткорочните депозити, при позитивно влијание и на депозитните пари, во услови на забележан пад кај долгорочните депозити до две години и готовите пари во оптек.

Вкупните депозити во март, се намалени за 1,7% на месечно ниво, како резултат на падот на депозитите кај двата сектора, со поголем придонес на секторот „домаќинства“. На годишно ниво, вкупните депозити бележат раст за 3,5%, којшто во услови на зголемување на депозитите кај двата сектора, е поизразен кај секторот
„домаќинства“.

Во март, кај вкупните кредити е забележан месечен раст од 1,7%, при годишен раст од 9,8%, соодветно. Притоа, месечната и годишната промена се под влијание на растот на кредитите кај двата сектора, којшто е поизразен кај корпоративниот сектор.

Во март 2022 година, вкупните депозити на корпоративниот сектор се намалени за 2,4% на месечна основа. Притоа, надолната промена во најголем дел се должи на падот кај депозитните пари, при забележан пад и на долгорочните депозити во странска валута и краткорочните депозити во денари, додека краткорочните
депозити во странска валута бележат раст. На годишна основа, депозитите на корпоративниот сектор забележаа раст од 3,9%, којшто пред сѐ произлегува од зголемените краткорочни депозити во странска валута, при позитивен придонес и на депозитните пари, а во услови на пад на краткорочните и на долгорочните
депозити во денари.
Кредитите на корпоративниот сектор, овој месец, бележат раст од 2,4%, којшто во услови на зголемено кредитирање во денари и во странска валута, е малку поизразен кај кредитите во странска валута. Годишниот раст изнесува 11,9% и во поголем дел се должи на повисоките кредити во денари.

Во март, вкупните депозити на домаќинствата се намалени за 1,8% на месечно ниво. Надолната промена е резултат на падот на депозитните пари, краткорочните и долгорочните депозити во денари, додека краткорочните и долгорочните депозити во странска валута забележаа раст. Депозитите на домаќинствата бележат годишен раст од 3,9%, во најголем дел поради зголемените краткорочни депозити во странска валута, при помал раст и на долгорочните депозити во странска валута, во услови на остварен пад на долгорочните и краткорочните депозити во денари.
Вкупните кредити на домаќинствата, овој месец, бележат нагорна месечна и годишна промена од 1,1% и 7,9%, соодветно. Анализирано според валутната структура, растот на месечна и на годишна основа се должи на повисоките кредити во денари и во странска валута, со поголем придонес на кредитите во денари.

Според намената на кредитите одобрени на физичките лица, во март, кај најзастапените категории ‒ потрошувачките и станбените кредити, е забележан месечен раст од 1,0% и 1,5%, соодветно, при годишен раст од 7,1% и 15,8%, соодветно. По падот во претходниот месец, автомобилските кредити и кредитите одобрени на кредитни картички, овој месец, се повисоки за 0,9% и 0,7% на месечна основа, соодветно, додека на годишна основа бележат пад за 13,5% и 4,1%, соодветно. Во март, кај негативните салда на тековните сметки е
остварен месечен и годишен раст од 1,1% и 0,7%, соодветно, додека кредитите одобрени врз други основи се намалени на месечно и на годишно ниво за 2,3% и 32,9%, соодветно.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.