Пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ и Коалицијата „За обнова на Македонија“ во текот на денешниот ден до Собранието на Република Македонија повторно ќе го поднесе Предлог законот за намалување на акцизите. Со овој Предлог закон предлагаме 50% намалување на акцизите за бензинот и дизелот, како и 100% намалување на акцизите за течниот природен гас, откри Тони Јаревски, пратеник на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Граѓаните и стопанството за секој наточен литар гориво плаќаат енормно високи цени. Во моментов еден литар дизел гориво чини 99 денари, еден литар бензин 98 чини 92,5 денари, додека еден литар бензин 95 чини 90,5 денари. Оваа Влада ги донесе граѓаните и стопанството во исклучително тешки услови за живот и работа, затоа е потребно власта да го прифати овој предлог закон со кој граѓаните ќе плаќаат поевтино 11 односно 13 денари за литар бензин и 8 односно 9,5 денари поевтино за литар дизел гориво. Ова е мерка која реално е од помош за граѓаните и компаниите – рече тој.

Јаревски посочи дека е точно дека Владата не може да влијае на цената на светските берзи, точно е дека Македонија нема нафтени полиња, но исто така точно е дека власта доколку сака може да влијае врз давачките кои ги плаќаат граѓаните и стопанството.

Ја повикуваме власта да се фокусира на решавање на проблемите на граѓаните и да го прифати овој наш Предлог закон и наместо парите да ги троши на бифтеци и сомнителни тендери, тие средства да останат кај граѓаните и компаниите со цел полесно да ја надминат кризата. Оттука, како пратеничка група сметаме дека колегите од мнозинството треба уште еднаш да размислат дали го претставуваат народот или и понатаму слепо ќе ги извршуваат наредбите и нарачките на оваа неодговорна власт. Високата цена на горивата влијае врз нашето секојдневие, ги поскапува цените на производите кои ги купуваме, услугите кои ги користиме и транспортните трошоци. Оваа неиздржливо висока цена на горивата, веќе ги поскапе меѓуградскиот и такси превозот – посочи пратеникот.

Со овој предлог закон, ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата уште еднаш ја докажува својата одговорност и принципиелност. Од друга страна, Владата ја докажа својата неспособност и неодговорност, сега останува да видиме во какво светло ќе се покажат пратениците на мнозинството и дали ќе ја прифатат оваа предлог мерка на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, заклучи Јаревски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.