Царинските стапки на 258 суровини и репроматеријали трајно се намалуваат или укинуваат што ќе значи намалени увозни давачки за домашните компании. Тарифите се намалуваат согласно измените и дополнувањата на Законот за царинска тарифа.
Со укинувањето на тарифите, според министерот за финансии Фатмир Бесими, се намалуваат трошоците за производство со што се влијае на зајакнување на конкурентноста на македонската економија.
Со овој Закон се придонесува кон подобрување на конкурентноста на домашните компании, поголема атрактивност на земјата кон привлекувањето на нови компании со странски капитал од различни стопански сектори, проширување на производството на постојните капацитети на домашни и странски компании, како и зголемување на вработеноста.
Бесими вели дека значајна поддршка на домашните компании и индустрија за намалување на трошоците на производство дополнително се прави и со укинување на царинската стапка за природен гас, што е предвидено со ова законско решение. Истовремено, во услови на енергетска криза се дава и придонес кон поголема ценовна стабилност на овој енергенс, а се поттикнува и промена на користењето на енергенсите кон енергенси кои помалку загадуваа.
Со намалувањето на царинските стапки на суровини или репроматеријали кои се користат во технолошко напредното производство, исто така директно ќе се помогне во секторите на автомобилска, метало-преработувачката индустрија, металургијата, текстилната и кожарската индустрија, кои во 2020 и 2021 година забележаа сериозен пад во индустриското производство, додава Бесими.
Со Законот опфатени се суровини и производи кои не се произведуваат во земјата и се набавуваат од увоз, а нивните царински стапки во увозот во Македонија се значајно повисоки во однос на царинските стапки на овие производи во примена во Европската Унија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.