Денес ќе бевме многу посреќни ако изградеа уште нови театри, музеи, отвореа фабрики наместо еве веќе пола деценија да ни објаснуваат што срушиле и што не изградиле. И не е само таа автодеструкција која боли, туку и молчењето пред претензионистичките изјави со кои удираат по нашите идентитетски основи. Кога од соседите сакаат да ни приграбат се што нам ни е свето, а власта молчи, нека го прочитаат нашиот преродбеник чие спомен обележје е веднаш зад мене. – Ѓорѓија Пулевски пред повеќе од два века напиша – Народ се вељид људи који е од еден род и кои зборувајед еднаков збор, и који живунајед и се другарад еден со други, и који имајед јаднакви обичаји и песни и весеља; тије људите ји викајд народ, а место во које живувад народ се вељид отечество од тои народ. Така и Македонциве се народ и местово њивно је Македонија… – изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во својот говор по повод денешниот празник, 23 Октомври.

Тој запраша зарем не се херои Гемиџиите, повеќето биле интелектуалци, младинци на возраст од 18 до 22 години го треселе Солун и тогашната Отпоманска империја.

Зарем пред тоа дело треба да останеме неми или имаме должност да ги продолжиме и негуваме идеалите на организацијата. Организацијата е жива и нејзините цели се живи, а сите ние не само што се поклонуваме на тоа дело туку имаме и обврска да го продолжиме, а тоа е заради Македонија. Суштината на денешниот ден е да кажеме дека денес 130 години по формирањето на ВМРО и една таква историска епопеја, мисијата и целите не се до крај завршени. Дел од тие цели како да се брани наследената слобода, да се брани утврдениот идентитет, да се направи отпор против туѓите пропаганди се се уште актуелни и денес. Но воедно имаме и поинакви цели кои мораме да ги спроведеме и изработиме. Нема да создадеме иднина ако не го почитуваме минатото и затоа ВМРО е традиција која обврзува, а ние сме таа генерација која мора да се избори за иднината која доаѓа, рече Мицкоски.

Посочи дека мора да се признае дека состојбата во државата е потполно алармантна и во многу полиња катаклизмична.

-И не се само предизвик ударите по идентитетот, туку ударите по џебот на народот и празните стомаци кои ги создаде оваа влада, гладот и сиромаштијата се уште поголема закана за иднината на оваа држава. Во земјава на крајот од годинава ќе има околу 600 илјади луѓе кои ќе живеат во сиромаштија, што е секој трет човек. Со само 60 денари на ден преживуваат 80 илјади граѓани. Со 150 денари на ден живеат 600 илјади луѓе. Бројката на граѓани кои живеат во умерена сиромаштија се зголемува. Пред неколку години таа бројка била околу 360 илјади. Погледнете ги семафорите, раскрсниците на булеварите. Нема крстосница каде нечива рака на граѓанин не моли за некој денар. Интернетот, социјалните мрежи се преполни со повици за хуманост, за граѓани кои, за жал, не можат да си го платат своето лекување или лекување на своите најблиски, рече тој.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.