Глобалната економија ќе продолжи да слабее следната година. Третина од глобалната економија најверојатно ќе западне во рецесија до 2023 година, се вели во новиот економски извештај на Меѓународниот монетарен фонд објавен во вторникот во Вашингтон. ММФ како главна причина го наведе наглиот пораст на цените по рускиот напад врз Украина, што значително ја намалува куповната моќ на потрошувачите.

Рекордна инфлација и стагнација на економскиот раст, состојбата со електричната енергија, нафтата и гасот, нарушениот пазар со храна, војната во Украина – се само дел од негативните забелешки кои се дел од најновиот Извештај за глобалната финансиска стабилност на ММФ во кој главната оценка е: растот проценет во јули нема значително да се промени, но во наредната година се очекува нешто помал раст од предвидениот.

Во својата светска економска перспектива, ММФ рече дека растот на глобалниот БДП следната година ќе забави на 2,7 отсто, во споредба со прогнозата за 2,9 отсто во јули, бидејќи повисоките каматни стапки ја забавуваат економијата на Соединетите држави, Европа се бори со скоковите на цените на бензинот и Кина се бори со продолжувањето на ограничувањата поради Ковид-19 и слабеење на секторот на недвижности.

Фондот за инфлацијата препорачува реакција на централните банки и треба „одлучно да дејствуваат за да се справат со инфлацијата“ откако речиси веќе нема држава во која процентот на инфлацијата не е двоцифрен што донесе рекорд во последните неколку децении.

Намалениот и негативен раст има едно име – рецесија, намалено производство во однос на претходната година. Кризата ќе треба да се финансира, а како главен финансиер во такви глобални економски кризи е токму Меѓународниот монетарен фонд.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.