Стопанската комора му додели награда на премиерот Христијан Мицкоски за градење партнерство и заедничко дејствување за просперитетна Македонија.
На денешниот настан по повод 102 години од постоењето, Комората им врачи награди и на бизнисмени во различни категории.
Како што рече претседателот на Комората, Бранко Азески, Мицкоски го поддржувал бизнисот и додека бил во опозиција.
За мене ова е голема чест, но и одговорност. Изминативе први 30 дена оставаме срце на терен за да направиме нешто. Настапуваме патриотски, тоа што е интерес за граѓаните е и наш интерес, работиме посветено, не се штедиме – истакна Мицкоски во обраќањето пред присутните, изразувајќи благодарност за наградата.
Не сакаме да играме во шеста лига, сакаме во прва, му порачаа бизнисмените денеска на премиерот Христијан Мицкоски. Тие побараа и Владата да го комплетира тимот со искусни економисти.
Со Владата сакаме да ја направиме најголемата инвестиција, а потенцијал имаме – истакна сопственикот на ИГМ – Кавадарци, Илија Гечев.
Премиерот Мицкоски кој ги ислуша барањата и сугестиите на компаниите, рече дека транспарентноста и отчетноста ќе и бидат приоритет на Владата.
Наскоро, напомена, преку интернет страница граѓаните ќе можат да гледаат како и за што се трошат парите и на национално и на локално ниво. -Имаме намера да бидеме ваш партнер и да помагаме.
Сакам да ве уверам во тоа. Чуда се невозможни, но тоа што може, ќе го направиме во рамки на Уставот и законите. Наш интерес е домашната економија да се развива – потенцира Мицкоски и ги повика компаниите да аплицираат за 250-те милиони евра, обезбедени од Унгарија.
Мицкоски денеска од Комората, која одбележува 102 години постоење, доби награда за соработка и посветеност.
На настанот, покрај бизнисмени – членови на Комората, се и министрите за финансии, за енергетика, за транспорт и врски и за јавна администрација.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.