Задоволството е големо што имам можност да присуствувам на стартот на една нова и надоградена приказна изразена во новата инвестиција на компанијата Киел.Во едни вакви тешки времиња би рекол дека не само што е мудра, туку и навистина смела одлука да се инвестира во државата, истана лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во Тетово.

И во таа смисла јас како човек кој за скоро очекувам да ја добијам парламентарната поддршка за водење на идната влада имам изразена намера да придонесам и активно поддржам секаков процес кој ќе значи нови работни места, повеќе пари во македонската економиjа, успешни бизнис приказни кои ќе ја потврдат мојата искрена намера преку инвестиции, преку развој и технолошки прогрес да ја враќаме државата на народот, контролата во негови раце и да создаваме среќна иднина за сите.

Целосно сум свесен за предизвиците кои престојат и реформите кои мора да се преземат.

Корупцијата и борбата против криминалот ќе биде нашиот примат и секој инвеститор мора да биде стопроцентно уверен дека државата ја гарантира заштитата од неморални и коруптивни притисоци и настојувања.

Никој не смее да биде над законот, исто како што никој не смее да помисли да ја одземе иднината и работите кои ја создаваат иднината.

Новата влада ќе биде партнер на стопанствениците.

Заедно да создаваме и да придонесуваме за подобар живот.

Јас сум за што повеќе инвестиции кои го зголемуваат животниот стандард, а ова е борбата за подобар живот на сите граѓани.

Македонија се сака со дела и тоа е најдобриот одговор за сите кои во политиката прават етнички поделби, креваат ѕидови и создаваат омраза.

Да имаме натпревар на идеи, наместо натпревар во шовинизам и радикализам.

Со работа, со решенија и креирање конкретни работи се сакаат и се бори за благосостојбата на Македонците, Албанците, Турците, Ромите, Србите, Власите, Бошњаците и сите останати.

Една од првите мерки во првите 100 дена од новата влада ќе биде намалувањето на даноците на профит. На тој начин ќе се помогне на бизнисот и ќе се обезбедат повеќе пари во економијата.

Ќе има кратење на административните процедури и отстранување на бариерите кои го попречуваат бизнисот.

На крајот дозволете ми да им честитам на инвеститорите за храбрата одлука, во мене гледате човек кој сака да ви помогне и заедно да направиме Македонија да биде подобро место за живеење. За сите вас.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.