Финансиските друштва кои што работат на територијата на Македонија од почетокот на овој месец имаат обврска да воспостават систем за управување со кредитен ризик за идентификување, мерење, контрола и следење на кредитниот ризик кој што вклучува меѓу другото процедура за процена на кредитната способност, како и процедура за идентификација и ажурирање на податоците на клиентите, соопштуваат од Министерството за финансии.
Начинот на управување со кредитниот ризик е пропишан со новиот Правилник кој е донесен од Министерството за финансии и кој претставува основа за системска контрола во работењето на финансиските друштва.
– Со примена на Правилникот се оневозможува финансиското друштво да одобри кредит на барател кој не е кредитоспособен, односно финансиското друштво пред склчување на договорот за кредит треба да ја процени кредитната способност на барателот на кредит врз основа на информации од страна на барателот и релевантна надворешна база на податоци. Доколку од проценката на кредитната способност финансиското друштво утврди дека вкупните месечни обврски на барателот на кредит надминуваат 70 проценти од неговите вкупни месечни приходи, финансиското друштво нема да може да одобри нов кредит. На овој начин ќе се спречи презадолженоста на граѓаните, стои во соопштението од МФ.
Покрај проценувањето на кредитната способност, со Правилникот се обезбедува поголема заштита на потрошувачите на услугите на финансиските друштва од злоупотреба на личните податоци, на начин што се доуредува постапката по која финансиските друштва треба да вршат идентификација и ажурирање на податоците на клиентите и кредитобарателите.
– Финансиското друштво при идентификација треба да обезбеди податоци од клиентот наведени во Правилникот кои што стануваат дел од кредитното досие и истите задолжително се наведуваат и во апликацијата за кредит, како и во договорите за потрошувачки кредит. Притоа, финансиските друштва нема да можат да одобрат потрошувачки кредит по електронски пат на физичко лице доколку кој било податок во апликацијата или доставените докази се разликува од податоците коишто се дел од кредитното досие, дополнуваат оттаму.
Воспоставувањето на системот за управување со кредитен ризик, пропишан со овој Правилник, произлегува од последните измени и дополнувања на Законот за финансиските друштва, кои беа донесени со цел поголема заштита на граѓаните кои ги користат услугите на финансиските друштва и зголемување на довербата во финансиските друштва.
Во таа насока со Законот се постави максимален износ на сите трошоци поврзани со кредитот, се укина можноста за земање кредит за затворање на претходно.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.