Министерот за економија Крешник Бектеши денеска соопшти дека маржите за некои производи изнесувале и до 250 отсто. Тој јавно ги повика на телевизиско соочување претставниците од бизнис секторот кои велат дека замрзнувањето на цените не е соодветна мерка.
Бектеши уште еднаш повтори дека владините одлуки со кои цените на повеќето прехранбени производи се ограничени, може да продолжат и по април, односно мај, ако за тоа се процени дека има потреба, за да им се излезе во пресрет на граѓаните и товарот од кризата да не падне само на нивен грб.
Имам многу добра соработка со коморите, се консултираме речиси за сите владини одлуки, вклучувајќи ги и законските одредби за бизнис секторот. Една од главните задачи на стопанските комори е да ги бранат интересите на своите членки, а институциите треба да ги одбранат и потрошувачите и компаниите. Затоа носиме вакви, краткорочни мерки. Ова се административни одлуки, а јас сум повеќе од убеден дека се исправни, и за бизнис секторот и особено за потрошувачите. За изјавите од претставници на бизнис секторот, ги повикувам на телевизија да ги дискутираме табелите кои и тие ги имаат. Ако мислат дека маржата од 150, 200 или 250 отсто е во ред во време на криза и да не се одрекуваат од тоа што го планирале како годишен профит, тоа Владата и Министерството за економија нема да го дозволат, порача Бектеши.
Според него, за над 95 отсто од производите кои беа опфатени со Одлуката за маржите, се донесени мерки за намалување на цените и тие целосно се почитуваат.
Вака ќе продолжиме. Ги повикувам сите трговци и производители да се покажат што поопштествено одговорни, рече министерот и најави дека овој месец ќе има најголемо намалување на цените генерално, посебно на храната и енергенсите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.