На Македонија ѝ претстои енергетски најтешката зима. Надлежните тврдат дека прават максимални напори за обезбедување доволно електрична енергија и природен гас и најавуваат дека идниот месец се планира прогласување кризна состојба, но рестрикции не се очекуваат.
Министерот за економија Крешник Бектеши вчера рече дека третиот блок на РЕК Битола ќе биде ставен во функција на 1 октомври, наместо на 15 ноември како што првично било планирано и за тоа се направени сите подготовки, на РЕК Осломеј ќе му се направат потребните ремонти за од септември да биде во функција, а следната недела ќе биде ставена во функција и една постројка во ТЕЦ Неготино.
Европската банка за обнова и развој (ЕБРД), пак, обезбеди 100 милиони евра со кои АД ЕСМ ќе може да купува јаглен и мазут.
Според Бектеши, се прават напори ЕСМ да ги обезбеди сите потреби на домаќинствата и на 67-те илјади микро и мали компании, кои се на регулираниот пазар. Малите и микро компаниите на некој начин се субвенционирани од државата и за нив цената на електричната енергија се движи од 205 до 210 евра за мегават час што е двојно пониско од пазарната. Само 4 500 компании се на слободниот пазар од кои повеќето имаат договори за набавка на електрична енергија со пониски цени од пазарната.
Моментно, цената на електричната енергија на берзата ХУПЕКС е околу 420 евра за мегават час или речиси 10 пати повисока во споредба со цената од 48 евра за мегават час што ја нуди ЕСМ за домаќинствата, но се очекува зимава да биде и околу 500 евра за мегават час.
Ќе ја имаме најтешката зима. Ситуацијата е сериозна и непредвидлива и не зависи само од нашата земја и од државите во регионот, туку зависи и од начинот како ќе се одвива војната во Украина. Планираме да ја ставиме во функција Комисијата согласно Законот за енергетика и во август да прогласиме кризна состојба. Комисијата предвидува различни мерки, вклучувајќи ги и рестрикциите, но ако се се одвива согласно планот и во случај да нема забрана на увоз на електрична енергија како што сме имале во одредени периоди во минатото од страна на Бугарија, не верувам дека би имало рестрикции во нашата држава, истакна Бектеши на средба со новинарите.
Државата ќе ги разгледа и опциите да му се помогне на бизнисот. Министерот рече дека ќе има средба со Стопанската комора. Можно е, како што напомена, активирање и на втората постројка во ТЕЦ Неготино од околу 90 мегавати која ќе работи само за потребите на индустријата. Зголемен е и ископот на домашните капацитети за јаглен, а потпишани се и договори за континуирано снабдување со јаглен за потребите на РЕК Битола и РЕК Осломеј со фирми од Грција и Албанија. Се очекува тоа да се направи и со фирма од Косово. Капацитетот на акумулациите е на ниво од 50 отсто што е за 20 отсто повисоко од лани, а хидро потенцијалите од почетокот на годинава се користат само за балансирање на системот и системски усогласувања, но не и за производство на електрична енергија. Се планира тоа да се прави до ноември со цел да се зачуваат капацитетите за зимата.
Ќе ги следиме препораките од ЕК за плаќањето на рускиот гас
Во однос на природниот гас, се прават напори за обезбедување не само од „Газпром“, туку и од друг извор, но тоа, потенцира Бектеши, зависи од ослободувањето на капацитетите во Бугарија и од договорот што го има „Булгар трансгас“ со „Газпром“ за закупување на сите капацитети до 2030 година.
– Ако тие капацитети се ослободат од страна на „Булгар трансгас“, ние сме подготвени да се снабдуваме со природен гас од други извори, вклучувајќи ги Азербејџан, но и од енергетските терминали, било тоа во Грција, било тоа во Турција, истакна Бектеши.
Земјава во моментов е 100 проценти зависна од руски природен гас кој го набавува преку гасоводот со Бугарија каде до 2030 година руски „Газпром“ ги има закупено сите капацитети за транспорт до нашата граница. Народната банка, пак, веќе ја стави рубљата на курсната листа со што постои можност за плаќање на гасот со руската валута.
– Како држава, нашата намера е целосно да се интегрираме и да станеме членка на ЕУ. Затоа ги следиме западните политики, а ќе ги следиме и сите препораки за плаќањето на рускиот природен гас. Моментно, гасот не го плаќаме во рубљи, но доколку инсистира Русија, а Европската комисија има одлука да не се плаќа во рубљи и ние нема да го правиме тоа, нагласи министерот на средбата со новинарите.
Шест членки на ЕУ против предлогот на Еврокомисијата за штедење гас
Европската комисија во средата предложи нова регулатива за штедење на гас која треба да ги натера, прво доброволно, а потоа и на сила, земјите на ЕУ да ја намалат домашната потрошувачка за 15 отсто до идната пролет, со цел осамостојување од рускиот гас.
Предлогот на Еврокомисијата ќе биде предмет на дебата идната недела на Советот на министри за енергија на ЕУ и за негово усвојување е потребно квалификувано мнозинство – односно поддршка од 15 земји членки кои застапуваат најмалку 65 отсто од вкупното население на Унијата, но досега шест земји – Унгарија, Полска, Шпанија, Грција, Кипар и Португалија – веќе најавија дека нема да го прифатат планот.
Противниците на планот сметаат дека тој и оди во корист главно на Германија, која се наоѓа во тешка ситуација со гасот поради укинувањето на проектот Северен поток 2, а предлогот на Европската Комисија налага солидарност и споделување на гасот меѓу земјите членки.
Во услови и кога „Газпром“ ги намали испораките на гас, еден од најголемите увозници на гас во Германија, „Унипер“ се најде во незавидна позиција бидејќи мораше да ги надомести количините што недостасуваат со купување на енергенсот од други извори на пазарот, по многу поголеми цени.
Германскиот канцелар Олаф Шолц најави дека државата ќе го спаси „Унипер“, преку кој доаѓа околу 60 отсто од увозот на гас во Германија и која со енергенсот снабдува бројни градски електрани, регионални оператори, како и индустријата.
– Се договоривме за решение, што предвидува да влеземе во сопственичката структура со учество од 30 отсто. Ќе ги купиме акциите по вредност од 1,70 евра, што е под цената на пазарот. На располагање ќе ставиме хибридни обврзници во вкупна вредност до 7,7 милијарди евра, појасни германскиот канцелар.
Сепак, пакетот за спас на „Унипер“ мора да го прифати и Европската комисија, па дури потоа Германија ќе може да ги спроведе сите планирани мерки.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.