Македонските граѓани во првите девет месеци од минатата година потрошиле 203,1 милиони евра купувајќи од домашни онлајн продавници, што претставува пораст од 84,5 проценти во однос на истиот период во 2020 година.

Асоцијацијата за е-трговија (АЕТМ) информира дека кон домашните е-трговци се слеале 215,2 милиони евра од кои 94 проценти се од домашните купувачи.

Високи 87,2 проценти од вредноста на трансакците кон домашни е-продавници оствариле физичките лица. Просечната трансакција оствaрена од Македонците кон домашните е-трговци изнесува 26,2 евра и тоа кај физичките лица е 26,9 евра, а кај правните 22,2 евра.

Растот во првите девет месеци од 2021 година во вредноста на онлајн трансакциите изнесува 68 проценти. Можеби уште позначајната промена поттикната од Ковид-19 е драстичната промена во структурата на трансакциите. Ако од вкупната вредност пред пандемијата помалку од половина се слеваше кон домашни е-трговци, сега веќе учествуваат со 79 проценти или вкупно 215,2 милиони евра се слеале кон домашни е-трговци во првите девет месеци 2021. Македонците се повеќе купуваат од домашни е-трговци, 95 проценти од вредноста на домашните е-трговци ја реализирале македонски картички (картички издадени од домашните банки), вели претседателката на АЕТМ, Нина Ангеловска.

Македонците во првите девет месеци од минатата година во странство направиле трансакции вредни 58,1 милиони евра, што претставува 21,3 проценти од вкупно остварената вредност на онлајн трансакции. Во однос на истиот период претходната година остварен е раст од 28 проценти. Просечната трасакција што ја направиле Македонците во странство изнесува 26,2 евра.

Странците кон домашните е-трговци во првите девет месеци од 2021 година направиле промет од 12,1 милиони евра, зголемувајќи го износот на трансакции во однос на истиот период на 2020 година за 68 проценти. Износот на просечна трансакција што ја направиле странците кон домашните интернет продавници изнесува 35,3 евра.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.