Над 130 компании од државава биле запознаени со можностите за соработка со германски „Лидл“, кој веќе стартуваше со инвестиција за изградба на логистички центар во Куманово. Од компанијата соопштија дека овој тип на соработка со локални компании е еден од нивните основни постулати во секоја земја каде работат.
Стефан Георгиев, директор на секторот за набавка во „Лидл Македонија“, во пишана изјава вели дека основната идеја на „Лидл“ во сите земји во кои е присутен, претставува развој на локалните производствени капацитети и заеднички раст и развој со локалните партнери.
Иако, „Лидл Македонија“ се уште не е целосно оперативен, Георгиев посочува дека овој процес веќе активно функционира. Во октомври минатата година почнаа со проект за промоција на македонски традиционални производи во „Лидл Србија“ и „Лидл Бугарија“, каде што се претставени македонскиот ајвар, пастрмајлијата, кочанскиот ориз, тиквешкото вино, македонското јагне и многу други производи.
Извозот кој ќе го реализираме преку „Лидл Македонија“ до крајот на 2024 година само во овие две земји е во вредност повеќе од 2.000.000 евра или раст од четири пати во однос на минатата година. Вкусот на македонското овошје и зеленчук го направивме достапен до потрошувачите на „Лидл“ во Србија, Бугарија, Романија, Полска, Чешка, Словачка и Германија. Од април 2023 до март 2024 година беа извезени преку 3 600 палети овошје и зеленчук. Во рамките на календарската 2024 година со нашите локални добавувачи планираме извозот на овошје и зеленчук да достигне 4 500 палети. Наведените примери и резултати се мотивација за нас и движечка сила за понатамошен успех, вели Георгиев.
Рубријан Хаџиев, генерален директор на „Лидл Македонија“, пак, истакнува дека ќе бидат ценовно конкурентни, но оти основно ќе биде да соработуават со локалните компании.
Брендот на „Лидл“ е присутен во 31 земја. Како лидери во сегментот на секојдневно пазарување поставуваме стандарди кои ќе го зголемат квалитетот на понудата, а во исто време ќе бидеме ценовно конкурентни на пазарот. Но, основно за нас е да се соработува со локалните компании, посочува Хаџиев.
На 24 јануари годинава во индустриската зона Речица почна изградбата на логистичко-дистрибутивен центар. Најавената инвестиција е 80 милиони евра и треба да отвори повеќе од 150 работни места. Парцелата зафаќа површина од 170.997 метри квадратни, логистички центар од 63.000 метри квадратни и комплекс со главна зграда, административни канцеларии и напредна инфраструктура и ќе користи обновливи извори на енергија.
„Лидл“ е дел од групацијата „Шварц“, присутен во 31 земја, со промет од 114 милијарди евра, 12 200 маркети и над 380 000 вработени
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.