Претседателот на Владата на Република Македонија Димитар Ковачевски денеска во Кавадарци ја посети семејната винарија „Јаковлевски”, кои имаат долга традиција во производство на вино, а од 2020 година се регистрирани како семејна винарија согласно Законот за вино. Оваа винарија е корисник на грантовите од 10.000 евра преку Програмата за финансиска поддршка на микро земјоделски производители на вино, а како корисник на субвенциите од Програмата за директни плаќања се опфатени и со новиот модел за субвенции во земјоделството.
Кога одлучивме да го измениме Законот за вино, имавме цел и помалите производители да можат легално да го продаваат виното, произведено во домашните капацитети. Неповратен грант од 10.000 евра по корисник за поддршка во опрема и инвестиции добија 59 мали семејни винарии, како винаријата Јаковлевски и навистина е убаво е да се видат придобивките од оваа мерка. И покрај светската, прво здравствена, а сега и економско-енергетска криза, што се чувствува и во нашата држава, само за две години, во регистарот на производители на вино се запишале нови 70 мали винарии со капацитет до 50.000 литри вино, од кои 11 се правни и 59 физички лица. Ова е доказ на дело дека мерките даваат голем резултат, рече Ковачевски.
Премиерот зборуваше и за мерките во земјоделството, донесени со цел да се зголеми домашното производство на храна.
Донесовме одлука за доделување државно земјиште заради зголемено производство на пченка, пченица, јачмен стратешки култури, за што имаше голем интерес на аукцијата и над 15 илјади хектари веќе се доделени. Инвестиравме во зголемени субвенции, преку Интервентниот фонд за производство на стратешки земјоделски производи, којшто прво беше 400 милиони денари, а потоа го зголемивме на 900 милиони денари. За прв пат донесовме Национален план за производство на храна и веќе е зголемено производството на пченица, пченка, јачмен. Производството на сончоглед е веќе дуплирано. Увозот на сите овие култури е намален, затоа што обезбедивме зголемено домашно производство, додаде премиерот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.