Претседателот на Владата на Република Македонија Димитар Ковачевски денеска оствари работна посета на телекомуникациската компанија МТЕЛ. Премиерот им честиташе на менаџерите на МТЕЛ за успешното работење, за постигнатите резултати и за позитивниот развој на пазарот во Македонија.

Драго ми е што оваа компанија ги препознава позитивните политиките на Владата за инвестирање. Владата што ја предводам создава подрачје за безбедно инвестирање, па затоа МТЕЛ ќе продолжи да се шири и да инвестира во Македонија“, потенцираше премиерот во своето обраќање за време на посетата на МТЕЛ.

Премиерот истакна дека МТЕЛ досега во нашата земја има инвестирано 4 милиони евра, а компанијата е со планови за понатамошни зголемувања на инвестиции.

Во моментот вработуваат 80 вработени, а многу скоро таа бројка ќе биде уште поголема“, рече претседателот на Владата.

Ковачевски истакна дека изминатиов период беше полн со глобална неизвесност, безбедносни закани и многу економски предизвици. Владата успеа да ја зајакне меѓународната позиција на Македонија и да оствари многу цели и амбиции, поврзани со економскиот развој на нашата земја. „Економски ја јакнеме позицијата на Македонија и со тоа што станавме земја членка на НАТО и започнавме преговори со ЕУ“, рече премиерот Ковачевски и додаде:

Драго ми е што странските, но и домашните инвеститори во Владата гледаат свој партнер за напредок и развој. Ние се стремиме да создаваме услови по светски терк, за безбедно инвестирање, неопходни за непречено функционирање на компаниите.

Нашите политики се со единствена цел да го подигнеме квалитетот на животот на нашите граѓани. Со создавање поволни и безбедни услови за нови инвестиции овозможуваме отворање на нови, добро платени работни места. Како Влада ќе продолжиме да ја јакнеме конкурентноста и да создаваме силна домашна економија“, истакна премиерот Ковачевски.

Менаџерскиот тим на МТЕЛ изрази благодарност до премиерот Ковачевски за посетата на компанијата и можноста да ги споделат нивните планови за нивниот иден развој во Македонија, за кој истакнаа дека имаат навистина големи амбиции.

Генералниот директор на Телеком Србија Владимир Лучиќ потенцираше дека посетата на претседателот на Владата е потврда за нивната силна и значајна позиција на македонскиот телекомуникациски пазар и поттик да продолжат со инвестициите.

Од влезот на пазарот во Македонија во 2021 година досега инвестиравме 4 милиони евра и во нашата компанија ангажиравме 80 лица. Задоволни сме со работата на нашата компанија која во моментов веќе има повеќе од 16 илјади задоволни корисници. Во следните две години планиравме да инвестираме дополнителни 50 милиони евра, а нашиот тим да го зголемиме за уште најмалку 200 млади стручни лица“, истакна генералниот директор на Телеком Србија Владимир Лучиќ.

Амбицијата на МТЕЛ во Македонија не е да биде само уште еден оператор на пазарот, туку уверени сме дека со плановите кои ги имаме за наредниот период, поткрепени со квалитетот на нашите услуги за скоро ќе можеме да се промовираме и во број 1 телекомуникациски оператор на македонскиот пазар“, рече Марко Лопичиќ, генерален директор МТЕЛ.

Горан Трајановски, претседателот на Надзорниот одбор на МТЕЛ го изрази задоволството од деловниот амбиент и соработката со институции надлежни за регулација на телекомуникацискиот сектор.

Македонија има компетитивен телекомуникациски пазар, но регулативата е особено добра и им овозможува на операторите да се развиваат, да растат, да ја засилуваат својата позиција врз основа на квалитетот на услугите кои што ги нудат, да инвестираат во проширување на палетата на услуги и да го зголемуваат бројот на свои вработени“, потенцираше Трајановски на работната средба со премиерот Ковачевски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.