Премиерот Димитар Ковачевски, денеска се обрати пред околу 500 претставници на деловната заедница корисници на поддршката од Владата, за нови инвестиции, преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите.

Во своето обраќање премиерот се осврна на важноста од нови инвестиции во услови на најголемата светска економско-енергетска и инфлациска криза. Тој подвлече дека и во услови на криза Буџетот е стабилен, се зачуваа работните места, се задржа ликвидноста на компаниите, а поддршка на државата не изостана. Растат платите, се намалува невработеноста, а растат и инвестициите. Премиерот Ковачевски подвлече дека сето ова е резултат на стратешката определба на државата, влезот во НАТО и евроинтегративниот процес, кој во иднина ќе го забрза економскиот раст.

Во продолжение интегралното обраќање на премиерот Ковачевски:

Ми претставува големо задоволство денес да се обратам пред сите вас, тука присутни над 500 стопанственици, сопственици, менаџери, вработени во приватниот сектор, претставници на стопанските комори, претседатели на стопанските комори бидејќи денешната средба, можеби најголема од овој вид претставува потврда за партнерството и интензивната комуникација и соработка кои Владата ги воспостави со бизнис секторот.

Уште од првиот ден од доаѓањето на оваа Влада како еден од главните приоритети беше и с ѐ уште е економското зајакнување, создавање на конкурентско окружување и поволна бизнис клима, а во функција на подобрување на животниот стандард на граѓаните.

Секако, овој наш императив се случува во услови на големата светска економско-енергетска и инфлациска криза. Ние зацртавме дека мораме да носиме мерки сега и веднаш, за заштита на граѓаните од ценовниот шок и одржување на ликвидноста на компаниите како и одржување на нивниот инвестициски циклус.

Паралелно работиме на среден и долг рок во консултација со деловната заедница и сите засегнати страни, а во насока на подобрување на вкупниот деловен амбиент, зголемување на конкурентноста на приватниот сектор и создавање услови за повеќе домашни и странски инвестиции, како и повеќе вработувања. И во услови на криза, најважно е инвестициите да не застанат, а вие сите кои сте тука присутни тоа најдобро го знаете.

Во таа насока, Владата преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите од неговото воведување до денес поддржа 919 компании со 100 милиони евра. За 6 години финансиската поддршка од државата кон домашните компании е зголемена за 11 пати. Од 3,2 милиони евра во 2018 до 35 милиони евра во 2023 година.

Честитки за храброста и визијата која ја имате да инвестирате, да ги користите мерките на Владата сѐ со цел заеднички да го придвижуваме економскиот раст на државата, да растат компаниите, да расте и бројот на работни места.

Да се постигне сѐ ова во услови на криза, е голем предизвик, но никој немаше да успее доколку беше оставен сам, ниту компаниите, ниту граѓаните.

Затоа, Владата од почетокот на енергетската криза, а претходно и за време на пандемијата, даде силен, навремен и прецизен фискален одговор, кој беше значаен за амортизирање на надворешните шокови.

И покрај неколкуте кризи со кои се соочивме последните 3 години, успеавме да го преполовиме фискалниот дефицит, како преку рационализација на трошоците, така и преку подобрување на наплатата на приходите.

Државната поддршка за стопанството е сериозна. Речиси 150 милиони евра изнесува буџетската поддршка за домашните и странските компании годинава или петпати повеќе во споредба со периодот од пред пет години. Директните субвенции од Буџетот во стопанството по основ на инвестиции, но и врз основа на други програми од 1,9 милијарди денари во 2017 година се покачија на 7,76 милијарди денари годинава.

Работиме домаќински и одговорно, буџетот е стабилен, а државата е финансиски ликвидна и солвентна. Нашата домашна валута денарот е исто така сидрото на стабилноста на нашата економија.

Она што е важно, е дека капиталните расходи остануваат на повисоко ниво од буџетскиот дефицит, односно остануваме на златното правило во финансиите – да се позајмува само за инвестиции и развојни цели.

Дека мерките даваат резултат јасно е отсликано и преку трендот на намалување на инфлацијата кој ќе продолжи и понатаму. Инфлацијата во август беше 8,3 проценти, а во октомври минатата година беше дури 19,8 отсто.

На глобално ниво војната во Украина влијаеше на забавување на севкупниот економски раст, кој не ја одмина и нашата земја. Енергичниот одговор на Владата преку субвенционирање на цената на електричната енергија за домаќинствата и за  малите и средни компании, како и растот на минималната плата, амортизираа дел од овие глобални негативни ефекти. Во извештаите на Светската банка и на ММФ, се поздравува соодветниот одговор на инфлацијата преку спроведување на фискалната консолидација, како и преку спроведување на монетарната политика. Соодветните политики беа основа и за подобрување на кредитниот рејтинг на земјава, односно на изгледите на истиот, од негативен во стабилен изглед, за првпат во изминатите четири години. Според Агенцијата ФИЧ, кредитниот рејтинг се оцени на ББ+ со стабилен изглед.

Во насока на забрзување на економскиот раст во земјава е и Планот за заздравување и забрзување на економскиот раст, кој го користи мултипликативниот ефект за мобилизација на приватниот капитал, покрај јавните инвестиции. Преку нови инструменти и форми за финансирање, планирано е од година во година да се зголемуваат инвестициите, како јавните, така и приватните, што ќе креира додадена вредност во економијата и ќе влијае на забрзување на економскиот раст на посакуваните стапки од околу 5%.

За повисоки стапки на економски раст, ние мора да продолжиме стратешки кон она што сме го зацртале како земја уште од осамостојувањето, а тоа се евроинтеграциските процеси кои и според Светска банка,  ќе бидат ветер во грб за реализација на структурните реформи. Понатаму, за забрзување на економскиот раст, а во насока на приближување кон европските стандарди, од голема важност е реализацијата на инфраструктурните проекти, планираните крупни капитални инвестиции во државата, како Коридорот 8 и 10 Д, кои ќе генерираат до 8.000 нови, подобро платени работни места и постручни.

Евроинтеграциите се многу важни за економскиот развој на државата – проценката е дека бруто домашниот производ на ЕУ во целина заради синергетскиот ефект е поголем за 10% од колку што би бил доколку земјите членки на ЕУ не би биле дел од ЕУ. Тоа во реални пари значи приближно 850 евра дополнителен годишен доход по жител, во текот на една година само затоа што земјата е членка на ЕУ.

Воедно, европските интеграции овозможуваат пристап до средства кои до полноправното членство означуваат дополнителен развој. Во сите овие години независност, финансиската поддршка на ЕУ се проценува на над 3,3 милијарди евра, средства кои нашата држава ги добила преку грантови и макрофинансиска поддршка, кои ни овозможиле ликвидносна поддршка, забрзување на деловната активност и индиректно, повисоки плати и пензии, намалување на невработеноста, зголемување странски инвестиции и изградба на подобра инфраструктура во државата.

Тука сакам да го споменам и историскиот успех во користењето на ИПАРД 2 во однос на ИПАРД 1 и во однос на земјите во регионот. Оттука Европската комисија, ценејќи го фактот дека Македонија е држава која најдобро и најмногу ги искористи средствата од ИПАРД 2 програмата, го зголеми пакетот за ИПАРД 3 на 97 милиони евра до 2027 година, а првиот повик е веќе објавен за нови проекти и сме прва држава која го објави повикот за ИПАРД 3 програмата.

Нашата евроатланска ориентација како Влада веќе носи резултати. Ќе направам неколку споредби:

Со членството во НАТО, овозможивме стабилен безбедносен амбиент во државата со што се отвори можност инвеститорите да ја препознаат нашата земја, како значајна порта за влез на европскиот пазар.

За споредба во делот на странски директни инвестиции, ако во 2016 година изнесуваа 338 милиони евра, во 2022, година после пандемија со КОВИД-19 и во ек на глобална економска и енергетска криза, изнесуваа речиси 754 милиони евра. Двојно повеќе од тоа што биле во 2016 година.

Инвестициите во ТИРЗ во 2016 изнесувале кумулативно 600 милиони евра, додека во 2023 заклучно со она што денес е постигнато, кумулативно изнесуваат 2 милијарди евра. Само во една година, новите договорени инвестиции се на ниво над 1 милијарда евра.

Стапката на невработеност пак во  2016 година беше речиси 24%, за да денес е ниво под 14%. За само една година имаме зголемена вработеност од 9,5% во државата.

За споредба исто, во 2016 година, минималната плата во државата изнесуваше 10.000 денари, а сега од март годинава изнесува 21.000 денари, значи двојно повеќе во однос на тоа што го затекнавме. Просечната нето плата во 2016 година изнесувала нешто над 22.000 денари, а во 2023 година, просечната нето плата е историски највисока и изнесува  37.000 денари. Тоа се цели 230 евра месечно повеќе во семејниот буџет на работниците во државата.

Сите овие параметри и показатели се доказ дека нашиот стратешки европски пат, е правилниот пат. Со зачленувањето во ЕУ резултатите ќе бидат уште подобри. Тоа го покажуваат и анализите за земјите пред и по влезот во ЕУ. Во однос на странските директни инвестиции, тие во просек се зголемени за 28%, и тоа во првите 5 години од членството во Унијата на земјите кои се придружиле. Романија од 5,4 милијарди долари има 7 милијарди долари странски директни инвестиции на годишно ниво. Чешка, од 5,5 милијарди, денес има речиси 8 милијарди долари инвестиции. Малта во овој поглед има најизразен раст, од 400 милиони годишно кога не била членка на ЕУ, пет години по членството во Малта нивото на странски директни инвестиции е искачено кумулативно на  21 милијарди евра.

Затоа, местото на Македонија е во ЕУ, со најдобрите и економски најразвиените држави.

Во изминативе 5 години Македонија е носител на позитивни политички и економски текови, обезбедуваме можности за стопанството, бизнис заедницата, вложуваме во функционално, модерно, поврзување на нашата земја со целиот регион, а со капиталните инвестиции во патната инфраструктура се отвораат можности нови европски рути.

Наш фокус во следниот период е и развој на човечкиот капитал. Од макроекономско гледиште, тој е суштинска сила во поттикнувањето на растот и развојот на секоја држава, бидејќи луѓето се двигатели на другите фактори на производство, како што се физичкиот капитал и инфраструктурата.

Затоа, Владата во соработка со Светска банка изработи Стратегија за човечки капитал до 2030 година, во која фокус се три клучни и меѓусебно поврзани подрачја – образованието, здравството и социјалната заштита. Она што е важно е дека за успех на Стратегијата, потребни ни сте и вие, приватниот сектор, како и останатите  засегнати страни, вклучувајќи го и учеството на граѓанското општество.

Позитивна реформа кога станува збор за човечките потенцијали е и воведувањето на концептот на Дуално образование започнат во учебната 2017/2018 година,  бидејќи знаеме дека она што е неопходно за компаниите е квалификуван кадар кој лесно и брзо ќе се вклучи со системот на работа. Позитивен тренд е што интересот за стручните насоки, од година во година расте, а тоа е резултат на добрата соработка меѓу Владата, Министерството за образование, Стопанската комора и се разбира компаниите.

За крај сакам да напоменам дека и годинава ни претстои тешка зима, но ние влегуваме подготвени кога е во прашање снабдувањето со електрична енергија. Кризата ја претворивме во можност, а Македонија е лидер во енергетската транзиција и стануваме зелен енергетски хаб во Европа. Да направам споредба во 2016 година во нашата држава имаше инсталирано 16 мегавати од фотонапонски електрани.

За само година и пол, во мандатот на мојата влада, поточно  од јануари 2022 до денес издадени се 600 лиценци за централи за обновливи извори на енергија, со што денес имаме на мрежа, 450 мегавати на обновливи извори на енергија, а до крајот на годината ќе бидат инсталирани и ставени на мрежа 600 мегавати обновливи извори на енергија. Тоа е повеќе од капацитетот на цел РЕК Битола што произведува, меѓутоа ова е чиста зелена енергија која не ја загадува околина.

Конечно, после 30 години избравме приватен инвеститор за изградба на најголемата пумпна хидроцентрала на Балканот „Чебрен“ која има огромно значење за декарбонизацијата и за праведната енергетска транзиција.

Македонија има амбициозен план – во план се изградба на најголемиот агриволтаичен парк „Стипион“ од француската компанија „АКИО“ и проектен тим работи на овој проект кој е со капацитет од 400 MW, најголемиот ветерен парк, на кој исто така работи проектен тим, од 400 MW „Вирови“, од германската компанија „ВиПиДи“ и нова когенеративна електрана на природен гас од грчката компанија „Митилионеос“ на која исто така работи проектен тим заедно со ТИРЗ.

Овие проекти заедно со огромниот број на фотонапонски централи кои секојдневно се градат, ќе ни ја овозможат енергетската транзиција на среден рок и што е најважно ќе овозможат енергетски раст, бидејќи без енергија не може да се развива ниту една економија.  Ја направивме првата енергетска транзиција на електрана на јаглен, во РЕК Осломеј. По истиот принцип, во финална фаза се и физибилити студии, за нови над 300 MW фотонапонски централи на стариот рудник во РЕК Битола.

Ваквите инвестиции креираат високо платени работни места во зелената економија и нема силна држава, со стабилна и предвидлива иднина, без функционална пазарна економија. За сите нас, врвен приоритет мора да остане економскиот раст базиран на конкурентност, продуктивност и иновации.

Вашиот пример, покажува дека кога се има идеја, кога се верува во себе, кога се има поддршка и најважно од се, кога се работи посветено, чесно и со верба, успехот е неминовен.

Вашиот пример покажува дека Македонија може да успее, да биде конкурентна дома, но и конкурентна надвор од државата.

Нашата економија е отворена и динамична, но тоа треба да го искористиме како шанса, како средство да постигнеме успех побрзо и одржливо.

Ако ме прашате, што е еден од фундамантите на овој период, тоа е трансформацијата на нашата економија.

Сега ни треба нов циклус, нова енергија, нова приказна – а тоа е европската економија на државата која ќе има доволно ресурси и капацитет за да биде дел од европската економија. За да нашиот човечки капитал, биде дома, а произведува и сервисира услуги и за нас и за извоз, но и за милионскиот европски пазар. Ние докажавме и преку производството и преку услугите и преку новите компании кои се отвораат во новите индустрии, во ИТ индустријата, во производството на авто – делови дека имаме и знаење и вештини и капацитет да го направиме сѐ она што можат да го направат и во Франција и во Италија и во Германија. Затоа, јас сум убеден дека дента кога ќе станеме дел од ЕУ, нашата држава и нашиот регион ќе бидат држава и регион со највисоки стапки на економски раст во однос на сите други сегашни земји членки на ЕУ.

Во новото време на економија базирана на иновации и знаење, најдобрите практики се критично важни. Вашиот успех е огромна инвестиција за растот на државата!

Затоа, ве уверувам дека можеме да успееме, и подобро, и повеќе и побрзо!

За мене и за Владата вие сте наш сојузник, наш партнер, сите ние работиме за истата цел!

Искрено ви честитам за успехот, искрено ви посакувам уште многу успеси, и заеднички да ги споделиме новите економско-социјални победи!

За подобра сегашност и европска иднина на сите граѓани! Ви благодарам, ви честитам на храброста и ви посакувам многу успех во вашите инвестиции!“



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.