СДСМ и коалицијата нема да го поддржат ребалансот, рече пратеникот Димитар Ковачевски во општата собраниска расправа што почна попладнево, по експозето на министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.

Како што рече Ковачевски кој накусо ја образложи ваквата одлука, со ребалансот не се обезбедени средства за континуиран раст на платите и за зголемување на минималната плата, не се предвидени средства за исплата на договорните обврски за поддршка на инвестициите на домашните компании, намалени се средствата за земјоделски субвенции, намалени се и за 10 милиони денари средствата за здруженијата на инвалидни лица и за организациите кои се борат против семејно насилство и други поврзани области,…

Ковачевски се осврна и на економските показатели, нагласувајќи дека според ребалансот, 4,9 проценти е дефицитот од планираниот БДП што е зголемување од една третина во однос на оригинално планираниот дефицит.

СДСМ нема да ја одолговлекува расправата за ребалансот. Во текот на комисиската расправа, СДСМ и коалицијата поднесоа 58 амандмани од кои не беше прифатен нту еден. Во делот на плати не се обезбедени срдетсва за континуиран раст на платите и за пораст на минималната плата, не се определени средства за раст на платите во образованието иако постојат поголеми приходи во Буџетот, не се предвидени средства за покривање на обврските од социјална заштита, ниту за покачување на правата за детска заштита, намалени се средствата за ИПАРД програмата, односно за земјоделците, како и средствата за авансна исплата на земјоделските субвенции,…, истакна Ковачевски кој ги спомна и новите четири министерства кои во тековниот буџет, напомена, немаат можност да исплатат плати на вработените.

Реплицираше Игор Здравковски од ВМРО-ДПМНЕ.

Ги задолживте и живите и неродените. Сега 1,8 милијареди треба да се вратат само по основ на камата за направените задолжувања, истакна Здравковски.

Во претходниот дел од расправата, министерката Димитриеска Кочоска го оцени ребалансот како обид на новата Влада да обезбеди ликвидност за редовно сервисирање на сите обврски до крајот на годината со истовремено обезбедување нормално функционирање на институциите и реализација на проектите кои што имаат соодветна динамика.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.