Претседателот на Владата на Република Македонија Димитар Ковачевски по повод 40 години – Рударско – енергетски комбинат (РЕК) Битола ја посети машинската сала на термоелектраната на РЕК Битола, по што се обрати на свеченоста по повод јубилејот. Во своето обраќање премиерот Ковачевски истакна дека РЕК Битола е енергетски капацитет од кој зависеше осамостојувањето на нашата држава. Ковачевски, упати честитки до сите вработени и раководството кои се подготвени да го издржат товарот на најголемата светска енергетска криза. Премиерот Ковачевски во обраќањето се осврна на актуелните владини мерки за ублажување на ценовниот шок, како и на важноста од вложувањата на среден и долг рок за успешна енергетска транзиција и одржлива иднина на РЕК Битола.
Во продолжение интегралното обраќање на премиерот Ковачевски:
Почитувани присутни, најпрво сакам да ви се заблагодарам за големата чест којашто ми ја направивте и ме поканивте денес на овој голем јубилеј и за Битола и за РЕК Битола и за Македонија – да се обратам и со тоа да им оддадам признание на оние кои учествувале во изградбата на РЕК Битола. На оние кои работеле во него и секако на оние кои сега работат и кои што во иднина ќе работат во РЕК Битола.
Почитуван Крешник Бектеши, министер за економија,
Почитуван министер за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска,
Почитуван Васко Ковачевски, генерален директор на АД ЕСМ,
Почитуван Матевски, директор на РЕК Битола,
Почитувани вработени во РЕК Битола,
Драги битолчани, почитувани почитувани медиуми, почитувани граѓани,Денес е значаен ден.
Рударско – енергетски комбинат (РЕК) Битола одбележува 40 години од пуштањето во работа на блок 1, односно од синхронизацијата со електропреносниот систем на државата која беше направена на 4 ноември 1982 година во точно 23 часот и 52 минути.
РЕК Битола е енергетски капацитет кој беше исклучително важен за осамостојувањето на македонската држава.
РЕК Битола беше и сè уште е срцето на македонската енергетика.
Беше и сè уште е столбот на македонската економија.И денес во услови на најголемата светска енергетска криза, РЕК Битола е доминантен производител на електрична енергија во земјава.
Во моментов, со наша заедничка заложба, АД ЕСМ, а во најголем дел РЕК Битола, успешно и континуирано обезбедува 100% од потребната електрична енергија за домаќинствата и малите потрошувачи во државата во кои се вработени најголемиот дел од нашите работници.
За да може да ги обезбеди потребните количини на електрична енергија, РЕК Битола годинава го зголеми проектираното производство, за 25% во однос на минатата година покажувајќи уште еднаш колку е вредно домашното производство на енергија, но и колку е значајна посветената работа на сите вработени. Без нивната експертиза, без нивното знаење, без нивната посветеност и без нивната напорна работа ништо од ова немаше да е можно. И тоа е така веќе 40 години.
Затоа во оваа прилика, би сакал да ве замолам за еден посебен поздрав и аплауз за сите вработени во РЕК Битола кои се вистинските херои на денешницата.
Сите ние денес во овие тешки услови точно ја сфаќаме важноста на секој еден вложен час работа на секој еден вработен тука во РЕК Битола. Од мое лично име и од името на Владата како и од името на граѓаните на Македонија, сакам да ви кажам едно големо БЛАГОДАРАМ.
Во услови на најголемата енергетска криза брзо и навремено преземаме мерки за ублажување на енормниот раст на цената на електричната енергија, а со тоа и на цената на храната. За сето ова, клучно е домашното производство на електрична енергија.
Овие антикризни мерки, оваа електрична енергија која субвенционирано ја даваме на нашите граѓани и на 98% од фирмите кои вработуваат исто толку вработени немаше да биде можно без производството на електрична енергија во РЕК Битола.
Воедно ја субвенционираме струјата за сите домаќинства и мали потрошувачи за 80%, обезбедувајќи за сите пет пати сметка за електрична енергија поевтина од реалната пазарна цена која би ја платиле доколку ова не беше направено.
Со новите владини одлуки кои ги објавивме минатата недела, обезбедуваме поевтина струја и тоа, 80 евра по мегават/час за компаниите кои произведуваат основни прехранбени производи, со цел стабилизирање на цените на финалните производи. Веќе беше јавно соопштено од производителите дека со оваа одлука цените би требало да се намалат за најмалку 10%. 95 евра по мегават/час за основните и средни јавни училишта којашто ќе биде висина на цена на електрична енергија која тие ќе можат да ја поднесат и ќе може да се обезбеди непречено одвивање на наставно образовниот процес во државата.
Истата таа цена на електрична енергија ја обезбедуваме и за водоснабдителните компании со цел да има непречено снабдување со вода а ЕСМ е компанијата која ќе склучи договори и со здравствените устнови за да имаме непречно извршување на здравствените услуги во државата.
За сето ова повторувам уште еднаш – клучен е РЕК Битола, вработените во него и воопшто Битола.
Сакам да честитам за напорите на раководството на компанијата и посветеноста на комбинатот, за сериозните вложувања во изминатите пет години за зголемување на стабилноста и доверливоста на постојките. Владата силно ги поддржува заложбите за да се намалат трошоците на производството и првичните показатели се навистина импресивни во овој дел. Во тек е набавка и на нова механизација на ниво на цело АД ЕСМ, од која дел исто така ќе биде наменета за РЕК Битола.
Честитки и за почетокот на изградбата на топловодот од РЕК Битола до Битола, за постапката која веќе е во завршна фаза за отворање на новиот рудник Живојно кој ќе биде трет во рамките на комбинатот, а во моментов активни се и рудникот Подински Јагленови Серии кој физички е лоциран на местото кадешто беше рудникот Суводол, и рудникот Брод Гнеотино.
Инаку отворањето на рудникот Живојно е идеја која датира од 1982 година кога е направена работната група. После толку години се надевам дека ова раководството на ЕСМ, експертите кои работат ќе го отворат рудникот Живојно за да од него се снабдува РЕК Битола со потребните количини на јаглен.
Нашата цел е да обезбедиме оджлива иднина на РЕК Битола. Имаме план, а кога во енергетиката се зборува за план тоа значи да се има план за наредните десет години и прецизен план со месечни динамики за пет години.
Во оваа прилика, сакам да напоменам дека Владата е силно фокусирана на инвестициите во енергетскиот сектор, кои ќе ја зголемат енергетската транзиција и независност. Тоа е нашиот влог во иднината.
Трансформацијата на комбинатот во капацитет за производство на чиста енергија се движи постапно. Токму сончевите електрани ќе бидат двигатели на енергетската транзиција во Македонија. Во ЕСМ се финализираат и други проекти за изградба на фотонапонски централи во РЕК Битола, со капацитет помеѓу 200 и 300 мегавати.
Работните места на сите работници сега и во иднина со енергетската трансформација се сигурни.
Немојте да ги слушате оние кои зборуваат дека некој ќе го затворел РЕК Битола, дека работниците ќе останеле без работа. Ниту еден работник нема да остане без работа туку напротив РЕК Битола ќе се модернизира, РЕК Битола во иднина треба да работи на еколошки горива, треба да има нови извори на енергија и не да ги вработува само постојните туку и нови струки на инженери кои доаѓаат за обновливи и одржливи извори на енергија.
Нивната пожртвуваност и во најтешки и најсложени временски услови да обезбедат суровина за производство на електрична енергија, е вреднувана и ценета не само од раковдството на РЕК Битола и АД ЕЛЕМ, од Владата туку и од сите граѓани на Република Македонија.
Секаде каде што одам низ државата секаде ја истакнувам улогата на Битола, на РЕК Битола на вработените во РЕК Битола и на сите битолчани на чија терторија се наоѓа овој најголем индустриски капацитет во државата.
Донесовме нова Стратегија за развој на енергетика до 2040 година целосно базирана на Европскиот Зелен Договор, којашто веќе се имплементира кај нас.
Преку концептот на Стратешки инвестиции, разговараме и се преговара за над еден гигават, во проекти за изградба на фотонапонски и ветерни централи и тоа со реномирани големи европски компании.
Го поддржуваме Европскиот Зелен Договор за одржлива економија, кој подразбира претворање на климатските и еколошки предизвици во можности и придобивки за државата и за граѓаните. Се реализираат сериозни енергетски инвестициски проекти во целата држава, развиваме државни проекти за изградба на фотонапонски, ветерни и хидроелектрани во државна сопственост со цел зајакнување на позицијата на државното електростопанство.
Ќе набројам неколку: фотонапонската електрана од десет мегавати во сопственост на ЕСМ на поранешните наоѓалишта на јаглен во РЕК „Осломеј“ е првата енергетска транзиција на електрана на јаглен во чиста енергија, во регионот.
Фотонапонските централи по пат на Јавно приватно партнерство со ЕСМ во Осломеј, со инсталиран капацитет од 100 мегавати коишто треба да започнат со проектирање и изградба.
Во текот на 2023 година очекувам да започне со градба и уште една десет мегаватна соларна централа во Осломеј од страна исто така на ЕСМ.
Ветерниот парк „Вирови“, од страна на германската компанија „Ви-Пи-Ди“, најголемата фотонапонска централа во овој дел од Европа, „СТИПИОН“ со капацитет од околу 400 мегавати, од реномираната француска компанија „Акио“ се исто така дел од проектите на коишто работи Владата и кои наскоро треба да се најдат пред пратениците.
Неодамна почна со работа новата 17 МW соларна централа, инвестиција која оваа Влада ја обезбеди, од страна на компанијата од Словенија „Ген-И“.
Проектот на една од најголемите грчки компании Митилинеос исто така е прогласен за стратешка инвестиција за изградба на когенеративна електрана за производство на топлина и електрична енергија во Скопје со инсталиран капацитет од 150 мегавати која исто така ќе се најде пред пратениците на одобрување.
Во наредните две години, треба се пуштат во употреба сите 130 мегавати на фотонапонски електрани, по пат на премиуми за кој се потпишани договори во изминатите две години. Издадени се овластувања за изградба на три ветерни електрани со вкупен инсталиран капацитет од 11 мегавати на приватни инвеститори. Првиот ветерен парк „Богословец“, треба официјално да започне со работа веќе на крајот на идната година. Таму веќе почнуваат да пристигаат ветерните турбини.
И на крај, за најзначајниот проект „Чебрен“, историски проект којшто за прв пат има понуда од изведувач, односно од инвеститор после 13 неуспешни тендери. Доколку се биде според она што е пропишано во документацијата и барањата конечно ќе имаме инвеститор кој ќе може да ја започне изградбата на овој огромен проект.
На почетокот на 2023 година очекувам да ја започнеме изградбата на гасниот интерконектор со Грција со кој ќе се приклучиме на транс-јадранскиот гасовод и ќе добиваме гас од Азербејџан. Инвестираме заедно со нашите пријатели во Александруполи, терминалот за течен природен гас.
Оваа Влада како ниедна до сега вложува во енергетиката и во проекти кои на среден и долг рок ќе носат само бенефит. Посветени сме на енергетската транзиција на земјата, затоа што знаеме дека тоа е иднината и за енергетска независност, но и за заштита на животната околина.
И затоа само во мандатот на мојата Влада имаме веќе инсталирано 27 мегавати фотонапонски централи во државата што е повеќе за 11 мегавати од она што беше направено вкупно за 11 години во текот на мандатот на Владата на Никола Груевски.
Стабилен електроенергетски систем е приоритетна цел и пресудна за да имаме сигурност во снабдувањето со електрична енергија и нови инвестиции и во иднина.
Претходните влади долги 11 години инвестираа во статуи, кои не ни донесоа апсолутно ништо. Ние инвестираме во индустријата на иднината која ќе произведе илјадници нови, добро платени работни места за граѓаните.
Ќе ја искористиме глобалната енергетска криза за да ја претвориме нашата земја во центар на зелена енергија што ќе го снабдува и земјата и регионот, но и пошироко.
Имаме тешка зима пред нас, но нашата влада се обврза дека никој нема да биде оставен сам да се справува со кризата и никој нема да треба да избира помеѓу греење и храна. Како што ја надминавме короната, ќе ја надминеме и енергетската криза. Како што презедовме успешни мерки на почетокот на 2020 година, сега ја спроведуваме истата стратегија за да им помогнеме на луѓето и бизнисите и да се осигураме дека сите заедно ќе ја пребродиме кризата.
Нашата способност да ја надминеме кризата е зајакната со нашите односи со нашите соседи – НАТО, ЕУ, земјите од Отворен Балкан. Успеавме да го деблокираме патот кон Европа, да влеземе во НАТО и да создадеме Отворен Балкан што ја става Македонија во сосема поинаква позиција од од она што беше само пред пет години.
Јас само што се вратив од Берлин каде што се одржа Самитот на Берлински процес, каде потпишавме неколку важни договори за мобилност кој ќе нѐ доближат до ЕУ но уште поважно ќе го поврзат регионот и ќе овозможат понатамошен развој. Таму разговаравме и за европската иднина на регионот но и за енергетската трансформација и на Македонија и на целиот Западен Балкан. Од Берлин можам да пренесам само пораки на поддршка. И од претседателката на Европската комисија Фон Дер Лејен и од канцеларот Шолц. Заеднички констатиравме дека Европската Унија, Европа не е целосна без западниот Балкан и дека оваа енергетска криза и ние како држава нема да ја поминеме сами. Ние, и тоа повторно беше потенцирано во Берлин, припаѓаме во ЕУ.
Оваа криза ни предочи дека Европа не е само нашата иднина, таа е и нашата сигурносна мрежа, партнер и клучна алка во справувањето со кризата. Сите оние кои мислат дека Европа е само една од опциите, а со ова пред сè се обраќам кон опозицијата, треба да се разбудат од носталгичните соништа кои ги сонуваат а со кои ќе ги остават граѓаните посиромашни и изолирани.
Изолирани бевме долго време, и по повеќе од една деценија застој, конечно почнавме да се движиме кон нашите цели. ЕУ е нашата иднина и нашата единствена алтернатива. Сè уште ќе биде потребно време и нема да е лесно – никој не рече дека ќе биде лесно – но конечно се движиме кон остварување на нашата цел. Зачленување во ЕУ.
Уште еднаш упатувам честитки најнапред на сите вработени во РЕК Битола, на раководството кои и тоа како се подготвени да го издржи товарот на најголемата енергетската криза за периодот кој претстои.
На крајот голема благодарност до вработените во РЕК Битола и сите битолчани“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.