Премиерот Димитар Ковачевски присуствуваше на настан по повод новата инвестиција на АД МЕПСО со која започнува процесот на дигитализација на преносната мрежа. Станува збор за најсовременото решение за телекомуникациска опрема и далечински мониторинг на трансформаторските станици во МЕПСО. Проектот е во вредноста од скоро 5 милиони евра и е клучен за стабилен и доверлив пренос на информации и податоци во електроенергетскиот систем на државата.

Премиерот Ковачевски истакна дека инвестициите во преносната мрежа се од голема важност за сигурен пренос на електрична енергија за граѓаните и за компаниите како и за реализација на големите проекти во секторот енергетика.

„Преку концептот на Стратешки инвестиции, обезбедени се над 1.000 MW во проекти за изградба на фотонапонски и ветерни централи и тоа со реномирани европски компании. Го поддржуваме Европскиот Зелен Договор за одржлива економија кој подразбира претворање на климатските и еколошки предизвици во можности и придобивки за државата и за граѓаните. На локацијата на поранешните наоѓалишта на јаглен во РЕК „Осломеј“ веќе работи фотонапонската електрана од 10 мегавати во сопственост на ЕСМ. Тоа е првата енергетска транзиција на електрана на јаглен во чиста енергија, во регионот. Во моментот пред започнување со градба се и фотонапонските централи по пат на Јавно приватно партнерство со ЕСМ во Осломеј, со инсталиран капацитет од 100 мегавати. Во текот на 2023 година очекувам да започне со градба и уште една 10 мегаватна соларна централа во Осломеј од страна на ЕСМ. Токму сончевите електрани ќе бидат двигатели на енергетската транзиција во Македонија. Во текот на следниот месец, во Собранието треба да се достават неколку закони за стратешки инвестиции, тие што беа прогласени во текот на претходните години. И тоа за ветерниот парк „Вирови“, од страна на германската компанија „Ви-Пи-Ди“, најголемата фотонапонска централа во овој дел од Европа, „СТИПИОН“ со капацитет од околу 400 мегавати, од реномираната француска компанија „Акио“. Неодамна почна со работа новата 17 МW соларна електрана, инвестиција која оваа Влада ја обезбеди на компанијата од Словенија „Ген-И“. Станува збор за најголемата фотоволтаична електрана во земјата, лоцирана во Свети Николе.“, рече Ковачевски и додаде дека во мандатот на Владата имаме веќе инсталирано 27 мегавати фотоволтаични централи во државата повеќе, отколку за 11 години што беа инсталирани вкупно во државата.

Директорот на МЕПСО, Орхан Муртезани зборуваше за важноста на оваа инвестиција во услови на светска енергетска криза.

„Со цел да го унапредиме нашиот технолошки суверенитет во енергетиката, се одлучивме за оваа сериозна инвестиција чии технички специфики во иднина ќе бидат во полза на енергетскиот, но и за телекомуникацискиот систем во државата. Оваа опрема е темел за добивање на „real-time” податоци за SCADA системот. Со ова решение АД МЕПСО го започнува процесот на дигитализација на преносната мрежа. Со оваа најмодерна технологија ќе се постигне домаќинско и ефикасно искористување на оптичките влакна интегрирани во заштитните јажиња на далекуводите и ќе се обезбеди шифрирање и комплетна заштита на информацијата која ќе се транспортира (сајбер безбедносна платформа). На тој начин, со оваа опрема, ќе потенцирам уште еднаш, се обезбедува брз и точен пренос на податоци, непречена испорака на електрична енергија и се минимизира ризикот од прекин на пренос на податоци во случаи на хаварии и лоши временски услови.“, изјави Муртезани.

Анди Аранитаси претставникот на ЕБОР во земјата кои го поддржаа проектот на МЕПСО рече дека живееме во време на предизвици, а руската агресија врз Украина доведе до енергетска криза од невидени размери.

,,На овој начин се отворија прашањата за енергетската безбедност, високите цени на електричната енергијата и достапноста како основен приоритет. Но, во вакви турбулентни времиња не смееме да скршнеме од главната цел, а тоа е да се обезбеди одржливост на нашите економски модели. Постојат два начини за постигнување. Првиот е преку меѓусебно поврзување на енергетските пазари и формирање на еден заеднички регионален пазар, сличен на тој во ЕУ. ЕБОР ја финансираше интерконекцијата со Бугарија, а моментално сме финансиери на интерконекцијата со Албанија, којашто кога ќе биде завршена ќе ги поврзува Македонија, Албанија и Црна Гора со европските пазари преку Бугарија и Италија. Поврзаните пазари ќе донесат многу бенефити. Вториот, за којшто МЕПСО има директна поддршка е зајакнување на капацитетите на преносната мрежа за приклучување на повеќе обновливи извори на енергија и намалување на уделот на фосилните горива.“, изјави Аранитаси.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.