Премиерот Димитар Ковачевски денеска изјави дека се работи на ребаланс на Буџетот кој е очекуван во услови на криза.

Ова е најкризна година во Европа и во светот по Втората светска војна и нормално дека ќе се прави ребаланс на Буџетот. Во Министерството за финансии, службите работат на подготовка на ребалансот. Тоа не е едноставен процес. Ќе се одвива низ законски пропишаната постапка и кога ќе дојде на дневен ред, ќе биде ставен на Влада и на Собрание, рече Ковачевски по увидот во активностите за отпочнување на процесот на чистење на линданот од малата депонија во кругот на фабриката „ОХИС“.

Во однос на задолжувањето, Ковачевски посочи дека тоа е веќе пропишано во Буџетот во износ од 600 милиони евра и дека најверојатно дел ќе се прави на надворешниот, а дел на домашниот пазар.

Владата, како што додаде Ковачевски, е во постојан контакт и со Народната банка на државата бидејќи во услови кога има увезена светска инфлација, монетарната и фискалната политика мора да бидат координирани и хармонизирани меѓу себе.

Во однос на јавниот долг, Ковачевски рече дека лани јавниот долг е намален на ниво од 59,9 проценти, но оти годинава поради актуелната криза, тој ќе биде зголемен.

За ВМРО-ДПМНЕ ова е македонскиот Монт Еверест, после кој не чека бездна. Товарот од неодговорните и неуспешни политики ќе го чуствуваат идните генерации, домаќинствата и бизнисите. Ова е долгот којшто секој еден од нас и нашите поколенија ќе треба да го враќа заради нивните фстаци, бадеми, кафиња, луксузни коли, фотели од биволска кожа, фиктивни софтвери, куферчиња со пари, распродажба на државно земјиште за ефтини средства и тендери во четири очи.

Оваа Влада има катастрофални резултати во справувањето со кризите. Во 2020 година имавме длабока рецесија со пад на БДП од 6,1%, што е најдлабока по онаа од осамостојувањето и најлоша во однос на повеќето земји од регионот. Во 2021 година се опоравивме со 4% раст на БДП, што е најлошо остварување во споредба со земјите во регионот. Во 2022 година ќе бидеме во стагфлација, низок раст и инфлација. Од почетокот на пандемијата, бројот на вработените во приватниот сектор е намален за околу 28.000 лица, но затоа не го сопреа вработувањето на нови партиски војници во јавиот сектор – нивниот број порасна за околу 14.300 лица.

Реализацијата на капиталните расходи е исклучително ниска, нема никаква градежна активност од државата. Капиталните расходи секоја година при носењето на буџетот се надуен балон кој на крајот се издишува. Така ќе биде и за 2022 година. Оправудувањето дека кратењето на капиталните расходи е заради обезбедување на средства за справување со кризи не држи во јавноста којашто гледа дека Владата за сите овие години не штеди, не се откажа од непродуктивните трошења и сомнителни набавки. Немаат странски дирекни инвестиции ниту некаква стратегија за привлекување, и тука се последни во регионот. Инфлацијата го коси стандардот на граѓаните, а стабилизација беше целосно закаснета. И сега пак високо задолжување?

Доколку издадат нова еврообврзница од 600 милиони евра, вкупниот износ на издадени еврообврзници за мандат на оваа Влада ќе биде 2,5 милијари евра, износ којшто треба да се покрие со идните буџети или пак да се рефинансира. Овој износ е речиси двојно повисок од 1,39 милијари евра издадени еврообврзници во мандатот на претходната влада од 10 години.

Иднината на сите нас ни е загрозена. Фискалниот простор е исцеден, а потребите за рефинасирање на долгот се двојно зголемени и не втурнуваат во должичко ропство. Фстаците и бадемите од страна на оваа Влада се изедоа, ама училиштата, градинките, стадионите, спортските сали, патиштата, странските директни инвеститори од претходната Влада останаа.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.