Изградбата на гасниот терминал во Александруполи е историски настан за регионот и проект за долгорочна енергетска независност и постојано снабдување со течен гас во едно исклучително кризно време, порача премиерот Димитар Ковачевски на свечената церемонија по повод почетокот на изградба на овој терминал.

На денешниот настан во Александропули, Ковачевски рече дека гасниот терминал е од огромно значење за регионот од аспект на диверзификацијата на природниот гас и поголемата сигурност во снабдувањето со овој енергенс.

Јужниот коридор ја намалува зависноста од досега единствениот канал на доток на гас од Русија.

Поточно, со овој проект наместо во нашата држава да биде присутен само еден извор на гас, сега е отворена можноста да влезе и снабдување од повеќе различни извори, како гасот од САД, Блискиот Исток и други земји.

Ова значи сигурно и безбедно снабдување со природен гас од различни добавувачи и диверзификација на изворите што нашата држава ќе ја направи енергетски независна – нагласи Ковачевски.

Сето ова, смета Ковачевски, ќе влијае и на намалувањето на цената на гасот како енергенс за индустриските и енергетски капацитети во земјава.

Заедно со гасната централа за производство на електрична енергија, како втора фаза од овој голем проект, според Ковачевски, се обезбедува електро-енергетски капацитет со најсовремена технологија за производство и снабдување со електрична енергија.

Македонија, во овој проект учествува со договор за резервација за одреден капацитет за течен гас од Терминалот во Александруполи. Во тек се и подготовките коишто ќе овозможат и наше директно вклучување во изградбата на гасоводот со што нашата земја ќе биде поврзана со овој значаен енергетски капацитет. Со интерконекторот во Грција, кој е во фаза на реализација, ја заокружуваме сета потребна инфраструктура за да се заврши и секундарната гасна мрежа која ќе го донесе гасот до граѓаните и стопанството во Македонија – посочи Ковачевски, додавајќи дека користењето на нови извори на енергија и замена на јагленот со гас е еден од најважните стратешки интереси на Владата.

Реализацијата на овој проект, како што истакна Ковачевски, отвора потенцијали за инвестирање во изградба на други енергетски објекти и подобрување на конкурентноста на регионот.

Сакам на сите граѓани на  Македонија, меѓутоа и на граѓаните на регионот да им испратам порака дека ова се кризни времиња. Ние како премиери и претседателот на Србија, тоа што сме сите заедно овде, испраќаме порака дека во тешки времиња пријателите и соседите треба да бидат заедно да се помагаат и во таа прилика го истакнувам моето огромно задоволство од многу честите контакти кои ги имавме и на дневно ниво со претседателот Вучиќ, со премиерот Мицотакис во делот на обезбедување на потребните енергенси во текот на зимата, меѓутоа и во делот на непречено снабдување, транспорт и трговија на храна помеѓу нашите три држави – рече Ковачевски.

Во гасниот терминал во Александропули,  Македонија ќе партиципира со 10 отсто, а уделот на сопственост во гасната централа е 25 отсто.

На свечената церемонија на која беше официјализиран почетокот на изградба на терминалот, присуствуваа и премиерите на Грција и Бугарија, Кирјакос Мицотакис и Кирил Петков, српскиот претседател Александар Вучиќ и првиот човек на Европскиот совет, Шарл Мишел.

Грчкиот премиер рече дека присуството на балканските лидери на манифестацијата го претставува единството на Балканот, но и дека „нашиот полуостров може да има свое место во стратегијата за енергетска транзиција на целиот континент“.

Мицотакис истакна дека со овој, но и со други планирани проекти, набргу ќе може рускиот гас да се замени со други извори, а конкретните земји може да имаат клучна улога на новата енергетска мапа.

Осврнувајќи се на присуството на претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел, Мицотакис рече дека тоа „ја симболизира европската димензија на овој проект“, кој е „со важен геополитички отпечаток“.

Мишел, од своја страна, рече дека новиот терминал нема да помогне само во енергетската независност, туку ќе придонесе во долгорочните цели за климатските промени, а овој проект, смета тој, испраќа јасна порака дека ја земаме судбината во наши раце.

Не седиме и разговараме за стратешката автономија, туку сме активни, сите заедно, со нашите пријатели од Балканот сакаме да ја изградиме нашата заедничка иднина – рече Мишел.

Бугарскиот премиер Петков истакна дека е потребно земјите да работат заедно, потенцирајќи дека „економскиот притисок на Кремљ врз Бугарија и Европската унија нема да успеат“. Споменувајќи го денешниот настан како доказ за тоа, Петков додаде дека Грција и Бугарија со поддршка на европските институции ги поставуваат темелите за интерконекторот меѓу двете земји што „ќе ја смени енергетската мапа на Европа“.

Српскиот претседател се осврна на потребата за взаемна соработка, нагласувајќи дека со поддршка на ЕУ ќе земјите од регионот ќе успеат да ги надминат сите тешкотии.

По поздравните обраќања, премиерите на Бугарија и Грција го потпишаа Договорот за започнување на реализацијата на проектот.

По церемонијата, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис приреди ручек за странските лидери.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.