Константинос Николау е нов главен извршен директор на Цементарница УСЈЕ АД Скопје кој на оваа функција доаѓа како вршител на должност до одржување на наредното Собрание на акционери, а истовремено Николау е избран и за в.д. извршен член на Одборот на директори. Николау доаѓа на местото на Борис Хрисафов кој ќе ја извршува функцијата в.д. неизвршен член на Одборот на директори.
Константинос Николау најголемиот дел од своето професионално искуство го стекнал и развивал во рамките на Титан Групацијата, чиј дел е од 2004 година. Одлично ја познава технологијата на производство на цемент и имплементацијата на иновации во оваа индустрија. Својата кариера ја започнал како менаџер за производство во цементарницата во Солун, а бил и менаџер на оваа компанија, како и на цементарницата на Титан во Златна Панега, Р. Бугарија и во Флорида, САД. Тој е магистер по машинско инженерство на Универзитетот Аристотел во Солун, а поседува и магистратура за управување во научни и процесни истражувања, стекната на Бизнис школата во Ворвик, Велика Британија.
Креирањето на одржлив развој останува највисока цел на нашата компанија и сите наши активности ќе продолжат да се движат во таа насока. Ние можеме да го постигнеме тоа само преку искрена и тесна соработка со сите наши партнери. Одржливиот развој е можен само доколку сите чинители во заедницата заедно се поддржуваат и напредуваат. Продолжуваме со активности и проекти кои ќе бидат значајни и за нашата компанија, за националната економија и за заедницата
во целина, истакна Константинос Николау.
Борис Хрисафов ја водеше компанијата од 2011 година, кога ја презема позицијата главен извршен директор и кога беа спроведени големи реформски процеси. Истата година компанијата ја доби Интегрираната А-еколошка дозвола. Во овој значаен процес на модернизација на производството и целокупното работење на компанијата беа инвестирани 60 милиони евра. Во насока на поголемо користење на обновлива енергија базирана на принципите на кружната економија, беше
инвестирано во постројка за употреба на алтернативни горива, прва од ваков вид во земјата, и во фотоволтаична централа со инсталирана моќност од 3 MWp.
Покрај овој значаен процес, под лидерство на Хрисафов беа зајакнати односите со сите засегнати страни и партнери на компанијата, а значително беше подобрена транспарентноста и односот со јавноста, невладиниот сектор и медиумите.
Промените никогаш не биле лесен и едноставен процес. И покрај тоа ние бевме решени дека како одговорна и транспарентна компанија тоа е нашиот пат. Започнавме процеси преку кои беше трансформирано нашето работење, а инвестициите овозможија сите наши активности да се одвиваат согласно највисоките стандарди. УСЈЕ дава значаен придонес за националната економија, а реализацијата на партнерски проекти со различни чинители од заедница ни овозможи да поттикнеме промени во различни сегменти во општеството. Во овој процес на промени значајна беше поддршката од сите наши партнери и уверен сум дека и во иднина таа не само што ќе продолжи, туку и ќе се интензивира, бидејќи новите ЕСГ-стандарди го поттикнуваат овој процес, истакна досегашниот главен извршен директор, Борис Хрисафов.
Новиот главен извршен директор Николау ќе ја продолжи политиката на континуиран одржлив развој, транспарентност и градење на цврсти врски со сите засегнати страни и релевантни партнери. Функцијата претседател на Одборот на директори ја презема Марио Брачи, кој е и неизвршен член на Одборот на директори. Јанис Паниарас, кој си даде оставка поради други професионални ангажмани во Групацијата Титан, повеќе не е член и претседател на Одборот на
директори.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.