Денес во рамки на првиот женски економски форум – „Финансиска писменост“ во организација на „Јас Сум Жена“ и „Global Shapers Skopje Hub“ главен говорник беше членот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ – Маја Кадиевска Војновиќ.
На тема „Потребата од финансиска писменост во Македонија“, Кадиевска Војновиќ потенцираше дека тековно едукативниот систем е еродиран и истиот не поддржува финансиска писменост. Според неа, во образованието се учи сѐ, ама не и за современите текови и финансиите, а финансиите го вртат светот. На Македонија и треба зголемување на степенот на финансиска писменост, а тоа може да се постигне само институционално т.е со воведување на едукација за финансии уште во основно училиште. За повозрасните потребни се специјализирани обуки од давателите на финансиски услуги. Според неа итно е потребно да се зголеми квалитетот на образованието кон новото време за да се задржат младите во економијата, нашите таленти и идениот потенцијал за раст.
Статистичките мерења според неа се поразителни. Според меѓународните мерења населението над 18 години во Македонија има ниско финансиско знаење, однесување и ставови, што е во рамки на групата земји од Јужноисточна Европа кои заостануваат во многу сегменти зад западноевропските држави. Според анкетата на НБРМ, повеќе од половината од младите (на возраст од 13-15 години) сметаат дека делумно знаат како да управуваат со парите, а истото во најголем дел го учат од своето семејство, додека формалното образование обезбедува низок процентот на финансиска едукација.
Кадиевска Војновиќ потенцираше дека финансиската инклузија или вклученост е сѐ уште ниска во одредени сегменти. Така, според најновите податоци од Финдекс базата на Светска банка за 2021 година и покрај тоа што поголемиот дел од населението над 15 години има сметки во банки (85,3%), само 14,9% од населението штеди во банки (50% од оние кои имаат сметки во банка) и само 22% позајмува пари од официјални финансиски институции (од младите само 6,5%, од посиромашните само 17,6%). Наспроти ова, депозитите на домаќинствата од крајот на 2010 година до февруари 2023 година се имаат зголемено за високи 2,9 милијарди евра, а кредитирањето на банките на физичките лица за овој период расте за 2,3 милијарди евра. Ова покажува две работи, ниска финансиска моќ односно низок расположлив доход за штедење (или способност за позајмување) кај поголем дел од населението и висока концентрација на депозитната база кај домаќинствата со повисоки примања. Финдекс базата на податоци покажува дека сопственици на кредитни картички се само 22% од населението (52,6% поседуваат дебитни картички), додека позначаен процент 88,4% од населението имаат пристап до интернет и 94,6% имаат мобилни телефони. Сепак, според Кадиевска Војновиќ користењето на мобилните и интернетот за финансиски трансакции како плаќања, земање на кредити, депозити, осигурување, тргување со хартии од вредност е ниско, зошто во Македонија сѐ уште не е развиен финтекот секторот. Користењето на мобилниот телефон или интернетот е највеќе за проверка на салдото на сметката (кај 43,2% од тие што имаат сметки), помалку за плаќање на сметки (само кај 28,3%) и за купувања на интернет (кај 30,5%).
Кадиевска Војновиќ потенцираше дека потребата од финансиска писменост не е само од личен интерес, туку е и од национален интерес. Финансиската писменост овозможува носење на информирани одлуки за личните и јавните финансии. Ефикасното управување со парите го намалува ризикот од финансиски грешки, што води кон подобра финансиска благосостојба, намален долг и зголемени заштеди. Истото овозможува планирање за иднината и помага при справување со неочекуваните финансиски предизвици. Кадиевска Војновиќ потенцира – финансиската писменост е потребна не само за успешно управување со личните финансии, тука и за македонското општество како целина.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.