Распадот на СФР Југославија пред повеќе од три децении резултираше со држави наследнички, меѓу кои и нашава. Оттогаш наваму речиси сите овие земји поминаа низ некаква своја катарза, пишува Зоран Јовановски, за „Економија и бизнис“.

„Што значи катарза во ваков контекст? Тоа е момент на концентрација на огромна општествена енергија која води до некакво случување што влијае стабилизирачки на општеството. По таков катарзичен момент, ништо веќе не е исто како претходно. Притоа не секој момент на висока енергија и на случувања задолжително влијае стабилизирачки на општеството.

 

Што се случи на овој план во републиките на поранешна СФР Југославија? На пример, Словенија го преживеа распадот на големиот југословенски пазар на кој доминираше и успеа да се преориентира, да ја задржи конкурентноста на својата економија и да го преживее претходното значително потпирање на ексјугословенскиот пазар. Хрватска се прекрши со својата „Олуја“, драматична воена акција со која решаваше внатрешни меѓуетнички прашања. Србија помина низ премрежјата од промени на владејачките структури со длабоки општествени потреси, меѓународни судови итн. Црна Гора го имаше референдумот за независност со невообичаено висок процент на меѓународно прифатлива проодност на резултатот од 55 %. Босна и Херцеговина „се бори“ со комплексноста на своето општествено уредување и со сите егзистенцијални закани и предизвици што произлегуваат од тоа и изгледа дека сè уште ја нема доживеано својата катарза.

 

Каде сме ние тука, македонското општество? Имавме катарзичен момент со зачленувањето во НАТО бидејќи тоа влијаеше стабилизирачки на безбедносните изгледи на земјава за иднината. Но, тоа беше повеќе нешто што се случи во рамките на меѓународниот контекст на настани. На домашен план работите изгледаат поинаку. Изминативе децении се соочивме со бројни ситуации, сериозни предизвици, преживеавме трговски ембарга и затворени граници, промена на знамето, внатрешен вооружен конфликт и последователен редефиниран општествен договор, промена на името на државава за внатрешна и надворешна употреба. Сите овие случувања влијаеја на текот на функционирање на општеството, но колку и да се драматични по својата природа тие не доведоа до катарза во општеството. Општеството не се помири со некои од случувањата, веројатно ги перципира(ше) само како некаков нужен чекор што требал да се направи. Општествениот котел наместо да се смирува продолжи притаено да врие.

 

Последиците од сите случувања во земјава за некого значеа промена на подобро, за некого промена на полошо. Фактот дека низ годините огромен број граѓани ја напуштија земјава може да биде своевиден индикатор дека втората група е веројатно побројна. Притоа важна карактеристика на ваквиот тренд е сознанието дека земјава ја напуштаат сè повеќе млади кои не гледаат светла иднина, но и семејства кои се во поодмината фаза од животот и немаат економски мотиви за заминување.

 

Каде е тогаш точката на катарза која може да го стабилизира македонското општество? Тоа е владеењето на правото и сигурноста што ја носи тоа за граѓаните, за бизнисите, за сите. Ерозијата на овој план и несигурноста што се акумулираше низ децениите јасно се одразуваат низ разновидните анкети што ја покажуваат изразито ниската доверба на граѓаните во овие институции на системот. Изразите „селективна правда“ и „неказнивост“ се изрази што се одомаќинија во македонското општество и се присутни одамна, вклучително и во вокабуларот на претставниците на меѓународната заедница. Затоа воопшто не е изненадување што правната несигурност за многумина тука добива статус на егзистенцијална закана за иднината за општеството.

 

И, тука, по ова прашање, македонското општество е во поодмината фаза на поделба на две групи. Во едната се сите оние кои сакаат да живеат во правна држава, сакаат функционирање на институциите, владеење на правото, правичност и неселективност. Во другата група се оние кои примената на правото ја перципираат како растеглива категорија, како пластелин што може да се моделира според сопствените интереси. За нив правдата треба да биде скроена од власта, учеството во власта се перципира како плен, а коалициското функционирање е „освоена територија“ во која едните „не им се мешаат“ на другите“.

Целиот текст на „Економија и бизнис“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.