Управата за јавни приходи соопшти дека во тек се интезивни подготовки за имплементација на проектот е-фактура. Вчера во просториите на УЈП се одржа состанок со претставници од неколку ИТ компании кои развиваат софтвери за поддршка на работењето на домашните фирми во делот на изготвување на фактури.

На состанокот се дискутираше за нивните перцепции и прашања во врска со импликациите што ќе произлезат од прилагодувањето на софтверите кај домашните фирми заради воведувањето на е-фактура.

– ИТ компаниите ја препознаваат е-фактурата не само како алатка за намалување на даночната евазија, туку и како алатка која ќе има додадена вредност за фирмите. Нема хартија, нема тонери, нема вреќи со фактури по пошта, нема носење фактури на сметководители. Воедно, подготвени се активно да соработуваат со УЈП, да ги споделат своите искуства, да дадат придонес во тестирањето и сл, се наведува во соопштението од УЈП.

Системот е-фактура Управата за јавни приходи планира да го развива и тестира во 2025 година.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.