Во 2022 година просечен расположлив приход по жител мерен според стандардот за куповна моќ (ППС) во Македонија изнесувал 5.988, што претставува зголемување за 41 отсто во споредба со 2017 година, покажуваат податоците на Индексот на просперитет на Легатум.
Според овие податоци, дури две третини од најпросперитетните земји во светот се наоѓаат во Европа, но и меѓу нив постои значителна разлика во приходите мерени според стандардот за куповна моќ (ППС) по домаќинство, при што жителите на западните и нордиските држави имаат значително повеќе расположливи средства за трошење од оние на југот и истокот на континентот.
Европската статистичка агенција – Евростат како расположлив приход на домаќинствата ги смета средствата што едно домаќинство ги има на располагање за трошење и заштеда по оданочувањето и по плаќањето на режиските трошоци.
На листата на европски земји во која се вклучени членките на ЕУ и на Европската зона за слободна трговија (ЕФТА), како и кандидатите за членство во Унијата, со приходот од 5.988 ППС по жител Македонија е на претпоследното место, пред Албанија која има 4.385 ППС. Пред земјава се Турција со 6.210 ППС, Црна Гора со 6.328 и Србија со 6.968 ППС по жител.
Следна на листата, пред Србија, е Бугарија со 9.671 ППС и е држава со најнизок просечниот приход по глава на жител меѓу членките на ЕУ, а пред неа се Словачка со 9.826, Романија со 10.033, Унгарија со 10.217 и Грција со 10.814 ППС по жител.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.