Поимот „РУДНИК“ секогаш асоцира на богатство, но не сите луѓе и посакуваат богатство на нашата земја. Некои, сакаат лично богатство на сметка на сигурниот развој на државата и затоа ја имаат измислено вештата измама наречена „Рудници на смртта“, пишува во својата најнова колумна Виктор Грозданов, аналитичар и металуршки инженер.

Покрај измислената кованица „Рудници на смртта“, лажните еко активнисти во нивните написи се служат и со закани, пишува Грозданов кој истовремено пренесува и дел од нивните написи.

„Наместо некој да го елиминира народот во струмичко, ние најсоодветно ќе ги елиминираме сите што ќе пробаат да отворат рудник, особено што ќе тргнеме од локалните скриени инвеститори на кои им се гледа профит од багери, камиони и удели во рудникот!“…., пишуваат таканаречените екоактивисти. Токму ваквите писанија на активистите од „Здрава Котлина“ според Грозданов по сите светски стандарди и дефиниции се софистицирани електронски закани кон трети лица, за што тој соодветно ќе реагира.

„Да бидеме на чисто. Ваков тип на закани користи само една земја на светот. Ниту една друга. Само оние кои живееле и работеле таму, а токму такви луѓе го потврдија мојот сомнеж дека станува збор за закана, која можеби е имитација и злоупотребена или пак вистинска. Значи, јас сум принуден да делувам во две насоки: Прво – Информирање на сите амбасади за заканите, со посебен акцент првенствено на Руската федерација, Велика Британија, САД и ЕУ. Со една причина. Да им покажам на нарачателите дека не само што не сум корумпиран колумнист, туку не сум ни глупав. Второ- Соработка со сите Државни институции“, пишува Грозданов.

Освен заканите, овие активисти кои немаат никаква конекција со екологијата, пишува Грозданов пласираат и големи измами во врска со рудикот Иловица-Штука.

„Најголемата измама на овие неколкумина лажни еко активисти е дека ќе има 5 сантиметри прашина низ целата Струмичка Котлина од рудникот Иловица. Па, во прашината е металот. Нема таков технолошки процес кој еден металург би го дозволил за да му избега прашината врз полето. Па токму заради тоа се бара рударска вода за запрашување и задржување на прашината и таа истата мора да ги задоволи пред се човековите потреби“, потенцира Грозданов. Грозданов исто така тврди дека токму Бучим својот концентрат од флотациската постројка го транспортира со камиони преку Радовиш-Струмица-Босилови-Ново Село – Петрич до топилницата во Пирдоп (Р. Бугарија) и прашува зошто за ова молчат еко активистите.

„Но најинтересно е дека еко активистите молчат. Не им сметаат камионите. Па нели ќе се борите против приватните интереси, камиони и багери“, вели Грозданов и отвара неколку дилеми до Николајчо Николов (некогашниот директор на Бучим).

„Дали се вистинити следниве факти, на кои ние слободоумните имаме право да поставиме отворено прашања, а се во интерес на заштита на интересот на Македонија и сите нејзини граѓани: Дали Николајчо Николов од позиција директор на рудникот Бучим и претседател на Македонската Асоцијација за Рудурство (МАР) има интервенирано (со сите расположиви средства посебно финансиско лобирање) во сите законски решенија и стратегии за искористување на минерални суровини да биде нотирано дека во Македонија може да постои само еден рудник за експлоатација на стратешката руда Бакар, а тоа е Бучим? Дали Николајчо Николов има поднесено предлог Бучим во помали наоѓалишта за Бакар кои се наоѓаат на самата граница со Бугарија да изврши директно инјектирано лужење со сулфурна киселина во почвата, со што веднаш би се случило загадување на подземните води во Бугарија, и тоа да биде искористено како аргумент плус на тогашните власти кај нашиот источен сосед да уценуваат во добрососедските преговори со Македонија? Дали е точно дека расположивите научници ја предупредиле тогашната Влада да не влегува во такви еколошко – политички авантури?“ прашува Грозданов во својата најнова колумна.

Пишува: Виктор Грозданов

Ставовите искажани во текстот се лични ставови на авторот и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.