Во јули годинава според намената на кредитите одобрени на физичките лица, кај најзастапените категории – потрошувачките и станбените кредити, е забележан раст од 0,4 проценти и 0,8 проценти на месечна основа, при годишен раст од 6,4 проценти и 13,5 проценти, соодветно, покажуваат податоците на Народната банка.
Минатиот месец автомобилските кредити на граѓаните бележат месечен и годишен пад од 1,4 проценти и 6,4 проценти, соодветно, а кредитите одобрени на кредитни картички забележале месечен раст од 0,2 проценти, при годишен пад за 1,6 проценти.
Негативните салда на тековните сметки во јули се намалени за 1,3 проценти на месечна основа, при годишен раст од 2,6 проценти, додека кредитите одобрени врз други основи, забележале месечен и годишен пад од 1 процент и 19,1 процент, соодветно.
Во јули, вкупните кредити на домаќинствата се со месечен раст од 0,5 проценти, во поголем дел, како што информира НБ, под влијание на зголеменото кредитирање во странска валута, при раст и на кредитите во денари. Споредено на годишна основа, кредитите на домаќинствата бележат раст од 7,6 проценти, којшто во услови на повисоки кредити во денари и во странска валута, е поизразен кај кредитирањето во денари.
На годишна основа, вкупните депозити во јули годинава бележат раст од 2,3 проценти, кој во целост се должи на повисоките депозити на секторот домаќинства, а вкупните кредити се зголемени за 9,7 проценти, во поголем дел под влијание на растот на кредитирањето на корпоративниот сектор.
Вкупните депозити на домаќинствата, во јули, се повисоки за 0,4 проценти на месечно ниво. Промената се должи на растот на краткорочните депозити во странска валута, депозитните пари и долгорочните депозити во странска валута, додека краткорочните и долгорочните депозити во денари бележат пад. На годишна основа е забележан раст од 5,2 процент, во најголем дел под влијание на повисоките краткорочни депозити во странска валута, при забележан раст и на долгорочните депозити во странска валута и депозитните пари, а при остварен пад на долгорочните и краткорочните депозити во денари.
Во јули, кај вкупните кредити е забележан месечен раст од 0,5 проценти, како резултат на зголеменото кредитирање кај двата сектора, при малку поголем придонес на кредитите на корпоративниот сектор. На годишна основа, вкупните кредити се зголемени за 9,7 проценти, во поголем дел под влијание на растот на кредитирањето на корпоративниот сектор.
–Овој месец, кредитите на корпоративниот сектор се зголемени за 0,5 проценти, во целост како резултат на повисоките кредити во странска валута, при забележан пад на кредитите во денари. Годишниот раст изнесува 12,1 процент и е резултат на зголемувањето на кредитите во денари и во странска валута, коешто е поизразено кај кредитите во денари, информира Народната банка.
Како што наведуваат, во јули годинава вкупните депозити се зголемени за 0,9 проценти на месечна основа, поради растот на депозитите кај двата сектора, којшто е поизразен кај корпоративниот сектор. Годишниот раст изнесува 2,3 проценти и во целост се должи на повисоките депозити на секторот „домаќинства“.
Во јули, вкупните депозити на корпоративниот сектор, се зголемени за 1,7 проценти на месечна основа. Нагорната промена пред сè, се должи на растот на краткорочните депозити во странска валута, со позитивен придонес и на краткорочните депозити во денари и долгорочните депозити во денари и во странска валута, при остварено намалување на депозитните пари. На годишна основа, остварен е пад од 2,9 проценти, којшто произлегува од намалувањето на сите компоненти, освен краткорочните депозити во странска валута кои бележат раст.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.