Претседателот на ОК ВМРО-ДПМНЕ Делчево Иван Гоцевски во воведниот дел на денешната трибина организирана од ВМРО-ДПМНЕ, насловена „Политики за развој на инфраструктурата“ истакна дека локалната власт во Делчево ја има СДСМ, а состојбата во општината е очајна. Состојбата можеше да се увиди и при теренските посети кои ги организира ВМРО-ДПМНЕ при посета на селата и населбите во делчевскиот регион.

„Сакам да кажам дека во сите населени места каде што бевме можеше да се увиди огромно незадоволство кај граѓаните од локалната власт во Делчево т.е. од градоначалникот Горан Трајковски, но има и незадоволство и од централната власт исто така. Можеме и со денови да зборуваме колку е големо незадоволството кај граѓаните од тоа колку е задолжена Општината, колку е задолжено комуналното претпријатие, колку е несервисна Општината, колку е несервисно и самото претпријатие. И можеме да говориме и за тоа колку младите се иселени од Делчево“, нагласи Гоцевски.

Тој додаде дека земјоделците се незадоволни и од тоа што нивните субвенции се преполовени. А, дечиња веќе нема по училишните клупи, буквално градот се празни. А, за тоа е виновна и локалната и централната власт кои ги предводи СДСМ.

„Денешната тематика на оваа трибина е друга, треба да разговараме за инфраструктура и затоа јас ќе се потрудам накратко да ви доловам. По населените места каде што бев со мојот тим, со тимот на општинскиот комитет, со тимот на Драган Ковачки може да ги издвоиме основните инфраструктурни проекти кои што локалната власт на СДСМ т.е. градоначалникот Трајковски и централната власт на СДСМ на премиерот Ковачевски ги ветувале, а не ги реализирале. Тоа е револт од луѓето кои што ги посетивме, тоа не е мое мислење, туку мислење на граѓаните. Значи најпрвин во селото Илиово затекнавме ситуација каде што имаме руинирани патишта, нема патишта до сите маала. Иста е ситуацијата и во село Турија и до скоро таму имавме проблем каде што три дечиња не одеа на училиште цел месец од причина што операторот што го зел тендерот за да ги вози до училиште не ги земаше со оправдување дека нема пат“, појасни Гоцевски.

Гоцевски укажа дека во село Бигла нема пробиени улици, нема водоснабдување, а градоначалникот во ек на кампања им ветуваше се и сешто. Во село Габрово патната инфраструктура е пропадната. Таква е ситуацијата во многуте села во делчевско.

„Да ги потсетам граѓаните на Делчево во селото Ѕвегор сите улици кои што се направени, се направени во времето на ВМРО-ДПМНЕ. Единственото игралиште спортско е  направено во времето на ВМРО-ДПМНЕ“, потсети тој.

Гоцевски нагласи дека патната инфраструктура што е направена во Делчево е од времето на ВМРО-ДПМНЕ, а СДСМ се и сешто вети, а со прст не мрдна за граѓаните.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.