Производствените компании да инвестираат во сопствени фотонапонски централи со кои долгорочно ќе си ги намалат сметките за струја, а со тоа и производствените трошоци, порача денеска претседателот на Владата Димитар Ковачевски по посетата на фабриката за производство на печурки „Органска Буковка ДОО“ во Охрид.

Компанијата, како што појасни премиерот, со користење на успешни владини мерки и средства од Фондот за иновации и развој, развила целосно нов иновативен производ, но и целосно покривање со електрична енергија од фотонапонска централа.

За поздравување е што во вистинско време донеле клучни одлуки за инсталирање на кровна фотонапонска централа од 30 киловати со кои сега во услови на силна енергетска криза целосно ја покриваат потребата од електрична енергија на производството, кое е 100 посто зависно од струја, односно е голем потрошувач, рече Ковачевски.

Со двајцата основачи на компанијата разговарале за нивниот развоен бизнис план. Тие со самото работење дошле до идејата за дополнителен производ, односно производство на чисто органска дехидрирана буковка со иновативна технологија.

Ги охрабрувам компаниите во земјава да го следат овој позитивен пример, и да ги следат сите економски политики и донесени мерки од Владата. Благодарение на   користењето на дел од тие мерки преку Министерството за економија и преку Развојната банка на Македонија, како што се субвенционирање на плати, или пак бескаматни финансиски средства, оваа фабрика успеала да го задржи континуитетот  на работење, но и да се развива, изјави Ковачевски.

Владата, нагласи, е посветена и на енергетска трансформација на државата, потсетувајќи дека во неговиот мандат се инсталирани 27 мегавати фотонапонски централи во државата.

Во моментов во фаза на финализирање се неколку договори за стратешки инвестиции за инсталиран капацитет од еден гигават, во проекти за изградба на фотонапонски и ветерни централи, како и комбинирана гасна електрана и тоа со реномирани големи европски компании, од Франција, Германија и Грција, рече Ковачески, потсетувајќи и на други инвестиции за производство на електрична енергија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.