По шест последователни квартали на дефицит, трговскиот биланс на ЕУ во второто тримесечје од оваа година бележи суфицит од една милијарда евра, пред се благодарение на падот на цените на енергенсите, соопшти Европската статистичка агенција – Евростат.

Според податоците на Евростат, извозот од ЕУ во вториот овогодишен квартал се намалил за два отсто, а увозот за 3,5 проценти, што резултири со остварениот суфицит. Во вториот квратал лани ЕУ заебележа дефицит во трговската размена од 155 милијарди евра, што претставуваше највисоко ниво на дефицит од 2019 година.

Како што јави специјалниот исвестувач на МИА од Брисел, намалувањето на обемот на увозот во вториот квартал од 2023 година се должи на намалувањето со цените на енергенсите за 15,6 отсто и на суровините за 10,9 проценти споредено со првото тримесечје од годинава.

Во делот на извозот, најголемо намалување има во секторот енергија за 22,5 отсто и во сферата на суровините од 9,3 проценти. Инаку, пад на извозот во периодот април – јуни 2023 година се бележи во сите сектори во ЕУ, освен во секторот машини и возила, каде е остварен раст од 2,5 отсто.

Во овој сектор трговската размена се зголеми трет квартал по ред и достигна 52,4 милијарди евра, што сепак се уште е далеку од рекордната вредност од 60,7 милијарди евра остварена во првото тримесечје во 2019 година.

Гледано по сектори, во вториот овогодишен квартал најголем трговски суфицит ЕУ оствари во секторите хемикалии од 48,5 милијарди евра и храна, пијалоци и тутун од 15,6 милијарди. Во секторот енергија пак се бележи намалување на дефицитот од 115,3 милијарди евра во првиот на 100,0 милијарди евра во вториот квартал од годината.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.