Гумени бонбони, слатки, тропско овошје, брашно од соја… ова е дел од храната чие ДДВ ќе се зголеми двојно, објавува Канал 5.

Првиот финансиер Бесими исчита дел од листата производи кои ќе бидат со двојно повисоко ДДВ, како дел од даночната реформа. Наместо 5 ќе се даночат со 10% данок.

„Путер од кикирики, гумени производи во форма на слатки, украсни риби, сирење со сива мувла, тартуфи, месо од ирвас, други слични произовди кои всушност ги има на пазарот. Тие пак ќе бидат со повластена тарифа, нема да бидат 18%, ќе бидат со 10%, нема да бидат ни 5% и генерално ние гледавме и тогаш дека овие производи и во земјите од регионот и од ЕУ воопшто немаат повластена тарифа…“, изјави Фатмир Бесими, министер за финансии.

Со измените повисока стапка на ДДВ од 5 на 18%, ќе имаат и пелетите, како и печките и котлите на пелети за кои државата до лани делеше субвениции. Бесими вели дека тоа било краткорочно решение за да се отстранат другите загадувачи.

За опозициската ВМРО-ДПМНЕ пак, даночната реформа не ја сузбива сивата економија. Лидерот на партијата Мицкоски оцени дека на овој начин само се оптоваруваат граѓаните кои редовно си ги плаќаат даноците.

„Граѓаните со измените на законот за ДДВ ќе плаќаат поскапа струја бидејќи повластена стапка од 5 проценти се враќа на 18 проценти. Тука ќе ги ставам и пелетите како средство за затоплување на домовите бидејќи за неколку месеци од денес ќе почне грејната сезона, и наместо да имаме еколошки енергенс ние повторно ќе треба да импровизираме и повторно да ја загадуваме околината“, изјави Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Дел од пакетот закони кои ќе се носат со европско знаме е и „солидарниот данок“ за кој бизнис секторот остро реагираше. Бесими кажа дека фирмите ќе имаат рок до крајот на октомври да ја платат оваа еднократна давачка.

Законските измени ќе се носат со европско знаме, а во наредниот период треба да бидат испратени до Собранието.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.