„Државата не остави на цедило. Навреме не ни обезбеди алтернативни пазари, па сега јаболкото ни се откупува за денар-два. Тоа е исто како да сме го фрлиле, бидејќи производната цена ни е минимум 15 денари“. Вака реагираат и преспанските јаболкопроизводители, кои како и другите македонски земјоделци веќе сериозно размислуваат или да го намалат, или целосно да се откажат од производството, објави Алфа ТВ.
„Не е само Русија земја каде што може да се даде јаболкото. Низ целиот афрички континент сигурно дека немаат јаболка, а имаат пример нафта. Значи, можеа да направат компензирање или друго, ама никој од власта не мисли за народот, за земјоделците, во тоа е работат. Оваа година има многу луѓе што ги оставија овошните насади. Ако вака остане состојбата како што е, значи никој нема да го работи јаболкото. Околу четвртина од овошките повеќе не се работат, не се кројат. Со Русите ни беше најдобро, зашто ни го откупуваа во време на бербата“, објаснува Горан Дивјакоски, јаболкопроизводител од сeло Јанкоец, ресенско.
Преспанските јаболкопроизводители се жалаат дека загубите им се огромни, дури и до 70 проценти. „Министерсвото и државата никако да се разбудат и да разберат дека во Македонија има вистински земјоделци кои освен што живеат од земјоделие, тие ја хранат и нацијата“, ни рече Вулнет Сабриу, кој има 9.000 садници со 15 врсти јаболка.
„Состојбата со јаболкото во Македонија е во банкрот. Тотален банкрот. Шест години по ред, од 2016-та наваму, секоја година јаболката имаат лоша цена. Денар, пет денари, седум денари, десет денари. Не е ова една година. И ние самите не знаеме како понатаму“, ни изјави Вулнет Сабриу од село Горна Бела Црква, ресенско.
Инаку, во моментов, како што нерофицијално дознаваме, во Преспа на големо се откупувало јаболко за извоз во Србија по цена од само денар и пол до два за килограм.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.