Заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски денеска на прес-конференција соопшти дека до Нова година ќе бидат ставени во функција експресните патишта Прилеп – Градско и Ранковце – Крива Паланка.

Како што истакна Николоски по повод сработеното во првите 100 дена, решени се сите проблеми во однос на реализирањето на овие два проекта.

Ги решивме проблемите на делницата Прилеп – Градско, финансирана делумно од ЕУ. ЕУ во 2023 година побарала формирање меѓуресорска комисија од Министерството за транспорт и ЈПДП, но година и пол не беше формирана. Две недели откако стапив на функцијата министер, ја решивме таа работа и веќе се работи инетнзивно. Делницата Прилеп – Градско ќе ја завршиме до Нова година и целата ќе биде оперативна. Ќе може да се вози по нов експресен пат со два тунела со брзина од 110 – 130 километри на час. Слична беше ситуацијата и на потегот Ранковце – Крива Паланка. И таму ги решивме проблемите. И таму имаме финансирање од ЕУ и до Нова година и оваа делница ќе биде ставена во фунција, подвлече Николоски.

Тој најави и дека до крајот на овој месец ќе почне, како што рече, првата реална работа во однос на коридорите 8 и 10.

Ќе стартуваме со Прилеп – Битола со конкретни активности на терен и изградба на автопат, како и со Гостивар – Бокојчани, популарната Стража. Тоа се двете секции кои први ќе одат, истакна министерот, дополнувајќи дека Владата само на овој проект заштеди 252 милиона евра. 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.