Директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриски зони (ТИРЗ) Гоце Димовски денеска ја посети компанијата Џојсон Сејфти Системс во Технолошко-индустриската развојна зона во Кичево.

Како што информира ТИРЗ, оваа посета е дел од новиот концепт заснован на активна и континуирана соработка, сѐ со цел да се овозможи директна поддршка на компаниите.

Директорот Димовски ја потенцирал важноста на ваквите инвестиции кои се од особено значење за економскиот раст на државата.

Главната цел за нас како институција е да пружиме директна и ефективна поддршка на компаниите. Со посетите од ваков карактер, не само што успеваме да добиеме подетален увид во работата и предизвиците со кои се соочува секоја компанија, туку исто така ја јакнеме соработката која е клучна за заеднички успех, рече Димовски.

Од страна на менаџментот на Џојсон Сејфти Системс, на чело со Клаудиа Хопт и Флориан Рот, беше изразена посебна благодарност за поддршката од институциите како Дирекцијата за ТИРЗ, при што беше нагласена нивната посветеност на долгорочниот раст и развој.

Нашиот успех е резултат на силната тимска работа, поддршка од нашите партнери и постојаното вложување во истражување и развој. Џојсон Сејфти Системс е компанија посветена на унапредување на безбедноста во автомобилската индустрија преку иновации, квалитет и одржливост. Нашето присуство во Македонија е од клучно значење за нашата глобална стратегија, изјави Димче Нелоски, директор на фабриката.

Компанијата, која е дел од глобалниот автомобилски гигант Нингбо Џојсон Електроник, е водечки производител на надувувачи, воздушни перничиња, волани и безбедносни појаси, а нејзиниот глобален успех е резултат на високите стандарди и посветеноста на квалитетот.

Со свои 34 продажни, дизајнирани и производствени објекти во светот и мрежа од околу 50.000 вработени, Џојсон Сејфти Системс претставува еден од најголемите работодавачи во автомобилската индустрија. Нивната инвестиција во Македонија, која обезбедува стотици работни места, ја зацврстува позицијата на земјата како атрактивна дестинација за странски вложувања.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.