Директорот на ТИРЗ, Гоце Димовски, пред повеќе од 50 јапонски компании, меѓу кои гиганти како Тошиба, Мицубиши, Нипон стил, Мабучи Мотор и други, ги претстави економските можности и потенцијали кои ги нуди Македонија.

На Бизнис семинарот во Диселдорф, организиран во соработка со Јапонската организација за надворешна трговија, ЏЕТРО (JETRO), Димовски ги презентираше новите владини мерки за поддршка на инвестиции како и новите економските перспективи и можностите достапни за јапонските компании.

Македонската влада е непоколеблива во својата заложба за поттикнување на развиена економија. Наша примарна обврска и фокус се економијата и промоција на нови инвестиции. Со нови, таргетирани мерки, веќе ја менуваме инвестициската клима. Стануваме вистински партнери на бизнисот. Јапонија има огромен економски и инвестициски потенцијал и може да стане важен партнер за забрзан раст на Македонија. Благодарам на големиот интерес од јапонските компании. Силно верувам дека наскоро ќе ја видиме и првата јапонска инвестиција во земјава“, изјави Димовски.

Директорот на ТИРЗ нагласи дека ќе продолжи да работи на унапредување на соработката меѓу ЏЕТРО и ТИРЗ со која се отвораат нови можности за јапонските компании.

Јапонските компании изразија задоволство од презентацијата и можноста директно да се запознаат со инвестициските можности кои ги нуди земјава. Јапонските компании најмногу се интересираа за достапноста на квалификувана работна сила во предизвиците и критичните фактори што треба да се земат предвид при влез на македонскиот пазар и потенцијалот за соработка со македонски компании.

На настанот свое обраќање имаше и јапонскиот амбасадор во земјава, Оцука Казуја како и генералните директори на ЏЕТРО во Виена, Варшава, Прага, Будимпешта, Букурешт кои ги презентираа економските потенцијални на Балканскиот регион и на Централна и Источна Европа.

Единствено Македонија, претставена од директорот на ТИРЗ, Димовски, имаше посебна презентација на економските можности, што ја означува нејзината единствена позиција и потенцијал како дестинација за инвестирање.

Овој Бизнис семинар е дел од активностите кои следат по потпишувањето на Меморандум за соработка меѓу ТИРЗ и ЏЕТРО, чија цел е полесен влез на јапонски компании во земјава како и воспоставување поблиска соработка меѓу македонските и јапонските компании.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.