Пробаа да спинуваат и кажаа дека ВМРО-ДПМНЕ е против овој договор, наводно сме биле против Европа и Америка. Но, апсолутно не е така. Зошто би биле против кога ние сакаме да бидеме дел од ЕУ. Но, тоа не значи дека ако ние сакаме да ги заштитиме парите на граѓаните, дека сме против Европа, па ајде да ги оставиме сите да не крадат. Тоа е невозможно, вели Гордана Димитриеска Кочоска, потпретседателка на ВМРО-ДПМНЕ во вечерашното гостување во емисијата Заспиј ако можеш на ТВ Алфа за обвинувањата од страна на СДСМ и ДУИ дека ВМРО-ДПМНЕ е антиевропска парија бидејќи го критикува договорот за изградба на коридорите 8 и 10д.

Димитриеска Кочоска вели дека спорен момент во договорот за изградба на коридор 8 и 10д е уште од самиот почеток бидејќи владата избрала фирма да врши надзор која што нема никакво претходно искуство со градежни работи, а треба да врши надзор дали се гради како што треба и да работи во интерес на граѓаните на Македонија.

Имаме ситуација Бехтел и Енка на една страна кои што треба да го градат автопатот и владата која што ги плаќа парите на тој што е изведувач. Нормално е во ситуацијата да имаме уште една врска односно некој што ќе контролира кога се случува изведбата на автопатот, односно надзорот. За кого треба да работи надзорот и во чии интерес. Треба да работи во интерес на граѓаните на Македонија затоа што него владата го ангажира токму за тоа. Но, сега ние во ситуацијата имаме надзор не само што е катастрофа, туку прво ти сервираат компанија која што нема никакво искуство во овој дел. И сега како резултат на тоа се поставува прашањето дали владата ангажирала соодветен надзор да ги штити нашите интереси, праша таа.

Според Димитриеска Кочоска договорот за изградба на коридорите 8 и 10д не може да биде државна тајна, укажувајќи дека тоа се пари на граѓаните.

Слушам неколку дена по ред државна тајна. За нашите пари они велат државна тајна. Државна тајна можеме да имаме во ситуации кога е во прашање безбедноста на државата, но за што го чува договорот, од кого го крие. Од тие кои што треба да го платат. Па апсолутно е неприфатливо за секој еден нормален граѓанин ќе каже зошто криеш и од кого го криеш, праша Димитриеска Кочоска.

Владата е избрана од граѓаните и не може да скрие договор кој што во суштина се однесува на сите нас, смета таа.

Потпретседателката Димитиреска Кочоска посочи дека уште во 2021 година владата се при премала за изградба на коридорите 8 и 10д, нагласувајќи дека доколку уште тогаш побарале податоци од Агенцијата за вработување ќе виделе дека има 100.000 лица кои бараат работа кои се дел со завршено основно и средно образование па наместо да увезуваат работни од надвор, да ги преквалификуваат овие лица се со цел да се има работна сила која ќе може да одговори на оваа задача.

Имаме закон за утврдување на јавен интерес за номинирање на стратешки партнер за изградба на тие инфраструктурни проекти, значи коридор 8 и коридор 10д, донесен уште во 2021 година. Значи они уште тогаш знаеле дека ќе тргнат во една ваква инвестиција, ако во тој период побарале податоци од Агенцијата за вработување, ќе виделе дека во Македонија некаде помеѓу 50.000 и 60.000 лица кои што активно бараат работа, а се со основно образование. Имаме непотполно средно образование во 2022 година 10.379 лица или со завршено средно образование 27.505 лица. Кога ќе ги собереш сите овие ќе добиеш над 100.000 лица. Зошто од 2021 година не направија преквалификување на дел од луѓето па денес да имаме работна сила која што ќе може да одговори на оваа задача. Две години ништо не е направено, значи немаат ниту стратегија, а ниту план. И сега излегуваат и се фалат ќе имало високи плати, но за кого? За тие кои што ќе ги увезуваат од надвор, објасни Димитриеска Кочоска.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.